Денес сум добро. Но, не бев добро повеќе денови отколку што бев. Приказната почнува месеци пред конечниот развод на моите родители, кога дома стана неиздржливо. Ме прашуваа подоцна дали имало насилство во семејството. Не знаев на тоа да одговорам. Никој никого не нападна со нож, ако тоа беше прашањето. Но, со нож можеше да се сече напнатоста во воздухот. Беше полесно кога се расправаа отколку кога молчеа.
„Што ти е?“, ме прашуваше понекогаш учителката. „Ништо“, одговарав бидејќи не знаев точно што ми е, ниту како тоа некому да го раскажам. Имав 9 години. Со мајка ми пред тоа сакав да играм карти, дури и да одам на кафе со неа и нејзините пријателки. Една од нив имаше син, малку постар од мене, кој ми беше пример. Со татко ми сакав да одам на натпревари. Ме однесе првпат кога бев многу мал и денес очите ми се полнат со солзи кога ќе се сетам на тоа. Сите заедно одевме на излет во викендите. Некогаш сакав да останам дома и да гледам цртани, но ме извлекуваа од креветот, секој за едната нога со смеење. Тие спомени ми се чини како да припаѓаат на некој друг живот.
Татко ми еден ден се отсели. Не ме поздрави, само замина. Мајка ми со денови плачеше и велеше дека така е подобро. Велеше дека нè оставил заради некоја „флундра“. На тоа се сеќавам, зашто не знаев што е флундра. Поминаа 3 месеци додека не го сретнав повторно. Го мразев. Го мразев затоа што отиде, бидејќи не ме однесе на два натпревари кои се одвиваа во меѓувреме, бидејќи нè остави, бидејќи има флундра поради која мајка ми плаче, бидејќи се расправаа со месеци поради таа флундра, бидејќи никој веќе не ме влечеше од кревет и бидејќи останав сам. Тој не беше тука физички, а мама како да не постоеше. Единствено нешто за што ѝ се зборуваше беше тоа дека татко ми ја изневерил. Мајка ми тврдеше дека тато не прашува за мене, дека сега ќе има ново семејство. Тато потоа тврдеше дека постојано се обидувал да ме види и слушне, но мама се заканувала дека некои негови работни документи, поради кои би можел да биде казнет, ќе ги испрати во полиција ако ни се приближи. Тоа го дознав многу подоцна.
Не знам што е вистина, но не е ниту важно, како што очигледно не сум бил ниту јас.
По неколку месеци мајка ми ме праша дали сакам да го видам татко ми за роденден. Бесно реков „не“. „Добро“, рече, „се сомневам дека и тој сака да те види сега кога флундрата му носи ново дете“. „Ново дете“, ми одѕвонуваше во ушите. Ако дотогаш имаше еден дел од мене кој не се чувствуваше изневерено од татко ми, тогаш исчезна. Мајка ми ми рече само тоа да го кажам во Центарот кога ќе ме прашаат, дека имам право да кажам што сакам и дека никој не може да ме натера на спротивното. Не беше во право. Ме „натераа“ да го видам татко ми. Се борев против тоа со сите сили. Кога го здогледав, почувствував само омраза и бес. Му викав, нешто околу флундрата и новото дете, не можам точно да се сетам. Средбата беше прекината, но повторно морав со мајка ми да одам кај психолог. Мајка ми претходната вечер ме праша дали се сеќавам како татко ми ме тепал. Молчев. Не се сеќавав дека ме тепал, но се сеќавам на приказните дека како мал сум знаел да добијам „по задникот“ од двајцата. Се сеќавам дека татко ми еднаш ми удри шлаканица во прво одделение кога побегнав од училиште и дојдов дома неколку часа подоцна. Кимнав со главата и чекав мама да продолжи. Ја опиша таа ситуација со шлаканицата и додаде уште неколку. Не се сеќавав, но ми изгледаше дека би можело да е вистина.
Не ми рече да го раскажам тоа утрото, но кога психологот ме праша за татко ми, раскажав. За него зборував сè најлошо. Не ги споменав натпреварите, ниту како ме извлекувале од кревет за излети. Тие места во себе не сум ги посетил со години. Тогаш ме прашаа за мајка ми. Раскажав убави спомени и не лажев. Само што многу од нив беа далеку зад нас. Мајка ми веќе не беше иста, а јас грчевито се држев до тоа да биде. Се сеќавам и на бесот кон тој психолог кога ме испрашуваше што не ми се допаѓа кај мама. Тој како да беше против мојата мајка, така ми се чинеше. Конечно, реков дека не ми се допаѓа само што е тажна поради идиотот од мојот татко. Мама тој ден беше посебно расположена. Јадевме сладолед на плоштад и ги храневме гулабите со корнет. Ме праша дали ми недостига татко ми, а јас одлучно реков дека не. Се насмевна и го лизна мојот сладолед, како да си играме. Бев среќен.
Потоа следува 7 години постапки по судови, одење кај разни социјални работници, психолози, не знам што сè не. На периоди го гледав татко ми, на периоди не. Тој не се откажуваше, но не се ни бореше многу силно. Видов на „Фејсбук“ дека му се родил син. Него го водел на натпревари, понекогаш ме викаше и мене, но лесно прифаќаше „не“ за одговор. Престанав да следам фудбал, сето тоа ми беше глупаво и досадно. Мајка ми со години му беше лута и беше невозможно да се продолжи понатаму. Барем еднаш неделно го озборувавме. Кога се расправавме, секогаш преку тоа повторно се зближувавме. Не знам ни самиот кога завршија судовите, но знам дека никогаш не воспоставив нормален однос со татко ми.

Мајка ми се премажи кога одев во трета средно. Процвета. Сè помалку зборуваше за тато. Еднаш ми предложи да одам кај него за викенд, тукутака, како гром од ведро небо. Мислев дека сака само да се ослободи од мене поради новиот партнер, дека и таа ме напушта, ме предава мене и нашата кула, очигледно од карти, поради омразата кон татко ми која нè поврзуваше. Тогаш пукнав. Бев во повеќе наврати хоспитализиран на психијатрија. Сешто правев со што не сум горд и не би навлегувал во детали. Не ми беше гајле. Немав што да изгубам. 4 години од животот се уништував. Мојот татко од сето тоа се плашеше и сè повеќе се повлекуваше. Технички одржуваше некој контакт, но всушност тоа беше малку. Мајка ми повторно беше скршена бидејќи „како можам сега тоа да ѝ го правам кога конечно е среќна“. Се спасив дури кога се оттргнав – од двајцата, Од себе не можев. Татко ми доби ново семејство.
Мајка ми доби нов маж. Јас не добив ново семејство, ниту нов татко. Во сето тоа останав сам.
Сега, години подоцна, со двајцата родители имам добар однос. Не сме блиски. Ниту еден од нив не се труди да бидеме, барем не вистински. Толку многу има неизговорени работи, што повторно нож може да ја сече напнатоста во воздухот. Преку психотерапија се трудам да се подобрам колку што можам. И двајцата ги сакам бидејќи се мои родители. Кон татко ми чувствувам и вина поради сè што мислев, чувствував и зборував кон него и за него. Чувствувам и разочарување бидејќи така се повлекуваше, бидејќи не се бореше посилно. Не му бев вреден. Кон мајка ми чувствувам сожалување бидејќи верувам дека е многу незрела личност. Чувствувам и лутина поради сета штета што ми ја нанесе, иако можеби не сакала. Ниту за неа не бев вреден како јас, туку како она што можам за неа да го направам. За „експертите“ кои сето тоа со години го дозволувале, немам што да кажам.
Еден ден сакам да го повлекувам мојот син за нозете од кревет и да го водам на излети, на натпревари кои повторно ги следам, да ги хранам гулабите и да јадам сладолед бидејќи е убав и сончев ден, а не бидејќи сум рекол во Центарот што очекувам. Во изборот на неговата мајка, поважно од сè, ќе ми биде дали е таа личноста која, ако до тоа дојде, ќе знае да се раздели и притоа да не му го уништи животот на детето.
Автор: Миа Рохе Ќапиќ, магистер по психологија