Воспитување

Татковци на предвремено родени бебиња споделуваат совети кои би сакале да ги знаеле порано

Научниците не секогаш знаат што го предизвикува предвременото породување, кое може да предизвика компликации опасни за живот, како и доживотни здравствени проблеми.

Крис Марфи е татко на предвремено родено бебе. И покрај нормалната бременост, неговиот син Реми се родил предвреме и во рок од 24 часа по породувањето морал да оди на операција за да преживее.

„Посакувам да имав подобра претстава за тоа колку ќе биде тешко. Никогаш не можете навистина да се подготвите за предвремено родено бебе. Тоа едноставно се случува“, изјавил тој.

Марфи и другите родители споделиле совети што би сакале да ги знаеле од порано.

Побарајте помош веднаш

„Одделот за неонатална интензивна нега е неверојатно место каде што се прават чуда. Во исто време, тоа е многу страшно и трауматизирачко место“, рекол Марфи. Овој татко мислел дека може сам да се справи со стресот. Но, додека го гледал својот син како се бори за живот четири месеци, почнал да пие, се здебелил и станал анксиозен.

„Требаше веднаш да побарам помош. Колку и да мислиш дека си ментално силен, ќе се скршиш“, рекол тој.

Поставувајте многу прашања

Кога сопругата на Стив Мишенер ја родила нивната ќерка Клер во 24-тата недела од бременоста, тој се исплашил. Вели дека била толку мала, што можел да го види нејзиното срце како чука во нејзините гради. Во текот на двата месеца додека девојчето било на интензивна нега, тој често мислел дека умира и денес жали што не им поставувал повеќе прашања на лекарите.

„Едноставно не знаевме какви прашања да поставиме“, рекол тој.

Очекувајте различни одговори

Мајк и Натали Рајан, по раѓањето на нивната ќерка Џулиет во 33-тата недела од бременоста, често добивале спротивставени одговори на нивните прашања.

„Тоа беше најголемата фрустрација. Секој лекар има различно мислење и затоа работите се менуваат секој ден. Но, знаевме дека лекарите знаат што е најдобро”, рекол Мајк.

Понекогаш следете ја вашата интуиција

Синот на Даниел Корбин е роден пет недели предвреме и како татко тој исто така бил фрустрирано од различните мислења на лекарите. Иако тој и неговата сопруга биле загрижени дали ќе добијат совет од погрешна личност, тие набрзо сфатиле дека самите знаат што е потребно.

„Следете ја вашата интуиција“, вели тој.

Тешко е да се најде некој да се грижи за бебето

Откако ја донеле Клер дома по два месеца поминати во болница, Мишенер и неговата сопруга морале да се вратат на работа. Но, тие не биле сигурни на кого да му ја доверат грижата за детето кое било зависно од кислород. Дури и искусните дадилки се двоумеле.

За среќа, пронашле постара жена која не ги избегнувала медицинските потреби на предвремено роденото бебе.

Нема да го скршите детето

Кога го зел својот син Купер в раце, Броди Гилберт се плашел дека ќе го скрши или повреди. Сепак, медицинските сестри успеале да го убедат дека контактот кожа на кожа ќе му помогне на момчето, а неговите стравови исчезнале со текот на времето.

Емоциите се нормални

Крис Марфи се борел со чувството на беспомошност и страв. Не знаел колку ќе биде тешко. Броди Гилберт го вели истото. „Никогаш во животот не сум се чувствувал толку немоќен, не знаев што да правам“, се сеќава тој.

Ќе биде подобро

„Има светлина на крајот од тунелот“, тврди Марфи.

Иако неговиот син Реми имал 15 операции, тој е среќно и активно момче. Клер научила да вози велосипед и ги нервира своите родители затоа што е физички силна и самоволна. Џулиет ја завршила предучилишната настава.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top