За мојот татко и сите оние татковци од ова поднебје што личат на него
Мојот татко не плаче. Сум го видела како плаче само еднаш – кога почина мојот чичко (а сите тогаш многу плачевме).
Можеби некогаш и плачел во својата самотија, но внимавал да не го видиме. Но, таму од каде што тој доаѓа, таму не се плачело, тој бил маж и морал да стои стабилно на земја. Мојот татко знаеше да биде строг. Знаеше да ми забрани нешто и сигурна сум дека имаше добра причина за тоа. Меѓутоа, не знаеше баш добро тоа да го преточи во зборови, па имаше доста од она – „Затоа што јас така велам“.
Мојот татко е храбар. Знаеше да се впушта во многу напорни работи и предизвици за нам да ни биде подобро, а потоа и да даде сè од себе за да знаеме дека е чесен и вреден, што ние го сфативме од самиот почеток и никогаш не се ни посомневавме. Мојот татко знае сè. Немало прашање кое како дете не сум го поставила, а тој да не го знаел одговорот. Потоа ми признал дека не знаел баш сè секогаш, но се обидувал тоа да не се види бидејќи пред луѓето не смее да се покаже слабост.
Мојот татко е мојот херој. Но, тој не е мој херој поради овие наброени работи. Поради нив можеби беше херој за други луѓе, за својата земја, за својата фирма, своите родители, иако сум му благодарна и за сите нив. Мојот татко е херој затоа што со мене трпеливо ги сработуваше задачите по математика, физика и хемија, со часови, денови, и во основно и во средно образование, а ниту еднаш не ми покажа дека му е тешко. Мојот татко е херој поради моите први возења со автомобилот кога тој седеше покрај мене и ми влеваше смиреност. Ниту еднаш не го крена тонот на гласот.
Мојот татко е мој херој што ми носи домати, кои ги обожавам. И што во својата градина, заради мене, одгледува 6 вида домати. И што секогаш памети што сум рекла дека сакам да јадам, па тоа ми го носи следниот пат. И следниот. И следниот. Мојот татко е херој бидејќи ги разбирал моите несигурности и знаел на вистински начин да реагира на нив. Тогаш открил дека тој е понекогаш несигурен, замислете!
Мојот татко е мој херој поради начинот на кој се однесува кон мојата ќерка. Поради нежните зборови, затоа што ја чешла и ѝ прави опавче, зашто долго зборува со неа на телефон (а таа нема ниту две години), затоа што е спремен милион пати да напише на пиши-бриши таблата само за да може таа да избрише. Мојот татко е мојот херој поради бакнежот во нос секојпат кога се состануваме и се разделуваме.
Мојот татко не зборува многу за емоциите. Можеби затоа ми се врежало во сеќавањето едно утро на автобуската станица во мојот град пред многу години, кога ме испрати на автобус за Белград и ми рече: „Знаеш дека тато те сака“. Онака, без најава. Мојот татко не зборува многу за емоциите, па можеби затоа ниту јас не знам убаво да зборувам за емоциите со него. Но, мислим дека знае дека го сакам!
Автор: Марија Кузмановиќ