Тато, ти си виновен што понекогаш руски кочии летаат по таванот на мојата соба, како тогаш кога над мојата лулка ми го рецитираше Онегин. Ти си виновен што од мали нозе знам да врзам јадица и да ја извадам од прстот без солзи, како челичната жица да не ја сече кожата и крвта не тече по лактот.
Ти си виновен што нашата куќа одекнуваше со песна, што ја познавам подобро грчката митологија отколку современата политичка сцена. Што балетот на Чајковски е најубав, што „Александрискиот квартет“ е книга на векот, Клинт Иствуд никаков актер, но одличен режисер, и што до ден-денес не знам ниту една песна од Шабан, и тоа ми е за пофалба и гордост.
Ти си виновен што гладен заврши факултет, 35 години градејќи тунели и мостови, а сега од пензијата не можеш ни на бања да одиш, ниту на рати. Тато, ти си крив и за тоа што знам што е хумор, па денес малку работи можат искрено да ме насмеат.
Што кога имав пет години ми кажа дека од соништата не се откажува, дури и кога пливаш во најдлабоките води, бидејќи ти пливаше низ вирови со мене.
Ти си виновен што никогаш не ти фалеше дух, дури и кога нашите животи се рушеа како домино. Што ги знам сите четири страни на светот, не се плашам од нив ниту на мапа ниту кога одам на пат. Каде и да одам, веќе сум била таму со тебе, или за рака или водена низ приказни.
Ти си виновен што секогаш работеше, а секогаш беше со нас, па мислев дека сите мажи и татковци така прават. Што сите улични кучиња и мали деца од нашата улица трчаат по тебе за да се гушкаат и играат. Што твоите внуки, веќе возрасни девојки, ти седат в скут и ти шепотат тајни, а на децата им го даваат твоето име.
Ти си виновен што никогаш не ми рече „Сама си го избра“. Што ми ги прости сите грешки, сите криви зборови изречени од некоја тага, што ме сакаше и ме сакаш токму таква каква што си ме создал: и добра и лоша, разгалена, миленичка, ќерка-единица и вештерка.
Особено си виновен што ја сакаше мајка ми така како што ја сакаше, и кога цветаше и кога венееше, и кога дишеше и сега кога веќе со децении ја нема, па ме убеди дека поинаку во овој живот не може да се сака и дека сè друго е фарса и бурлеска.

Ти си виновен што си и Бетмен и Супермен во детството на мојот син, што си негов херој дури и кога не можеш да се качиш по скали бидејќи колената веќе не те слушаат, па тој ти ги носи кесите и те држи под рака. Што вчера на писмената задача напиша: „Само мојот дедо секогаш ме разбира“.
Ти си виновен бидејќи не можеме да си го замислиме утрешниот ден без тебе, а знаеме дека токму тој ден нѐ чека. Што си најголемиот херој во нашите животи, нашата непоместлива карпа, нашето сидро и наше пристаниште, наш дом.
Ти си виновен, тато, што успеав да станам и да бидам ова што сум и тука каде што стојам само поради тебе.
Да знаеш, за оваа душа што ја имам, ти, тато и тоа како си виновен.