Мухамед Нитото стои зад популарниот профил на „Инстаграм“ – „Хрониките на тато“, а неодамна за него слушна целиот свет откако сподели совети за тоа како мажите можат да им помогнат на своите сопруги кога дојат.
И татковците можат да го нахранат бебето
Нитото им ги пренел сопствените искуства на идните татковци. Направил листа со работи што мажите би требало да ги знаат за доењето.
„Кога мајката ќе се разбуди во текот на ноќта, станете и вие, прашајте ја дали ѝ треба помош или чаша вода. Вистина е дека повеќето ќе речат не, но самиот факт дека сте се понудиле многу ќе ѝ значи“, е еден од советите од овој татко.
„Прашајте ја партнерката дали може да го извади млекото во шишенце, па вие да го преземете следното хранење на бебето. Понекогаш на жените им треба безгрижен одмор во кој нема да мора да се грижат за бебето“, советува понатаму Нитото.
Искористете го породилното отсуство
„Не поставувајте временско ограничување за тоа колку долго мајката би требало да го дои бебето. Не се работи само за хранење, туку и за зближување со него. Не го дои секоја мајка детето еднакво долго, а на татковците им е тешко да го разберат тоа. Не брзајте ги и не нарушувајте го тој процес. Ќе започнете кавга од која не можете да излезете како победник“, топло препорачува таткото.
„Бидете трпеливи! Знам дека татковците во првите недели се многу возбудени. Вашето време ќе дојде побрзо отколку што мислите. Бебињата брзо растат и кога ќе бидат поголеми и посилни, ќе има повеќе време за дружење со тато“, објаснува Нитото и заклучува:
„Секогаш можете да заработите пари, но некои работи во животот нема да се повторат. Не сте поголем маж ако не го искористите породилното отсуство. Многу е важно и татковците да бидат дел од животот на детето уште од самиот почеток“.