Повеќето луѓе не би можеле да си го замислат животот без своите мобилни телефони, меѓутоа, семејство од Гвелф, Канада, одлучило да ја отсече технологијата од нивниот живот цела година, како дел од социјален експеримент.
Сè почнало кога Блер Мекмилан го запрашал својот петгодишен син дали сака да излезе надвор да си поигра со него. Но, неговото дете на прекрасен летен ден избрало да седи дома и да игра видеоигри на ајпадот наместо да излезе надвор и да се забавува. Тој почнал да размислува за неговото детство и за тоа како денес младите станале зависни од модерната технологија, како што се компјутерите, мобилните телефони и интернетот.
26-годишниот татко разговарал со тинејџери и млади луѓе од по 20 години, а повеќето од нив признале дека не можат ни да си ги замислат животите без омилените гаџети. Затоа тој отворил повремен јавен сервис со кој ги охрабрувал родителите да ги натераат своите деца да учествуваат во активности надвор од домот најмалку 30 минути дневно.
Постојано се сеќавал на своето детство и на фактот што во негово време ниту едно дете не можело да седи дома повеќе од 30 минути – и тогаш му текнало: што ако може да се врати во времето и на своите деца да им го подари детството што тој го имал? Така, од април целото семејство се откажало од модерната технологија и почнало да живее како во 1986 година (годината кога Блер и неговата сопруга биле родени).
Блер и неговото семејство немаат интернет, ниту кабелска. Наместо тоа, имаат телевизор од 1980 година и касетофон кој свири песни од тоа време, а не модерни хитови. Сите ги фрлиле мобилните телефони и наместо е-пошта, имаат вистински писма. Не ги следат луѓето на „Фејсбук“ или на „Твитер“, но затоа одат кај нив дома. Користат камера со лента и немаат GPS, туку вистинска мапа. Откажувањето од сите овие уреди што го прават животот поедноставен не било лесно, а Блер признава дека му биле потребни неколку недели да се одвикне од телефонот.
Но, ова искуство ги направило членовите на семејството поблиски и им дало можност да седнат и да разговараат повеќе отколку порано.
Некои од нивните пријатели го поддржуваат овој експеримент, меѓутоа, некои не можат да се откажат од технологијата дури и кога го посетуваат нивниот дом бидејќи Блер има направено кутија за мобилни телефони. За да го направат искуството пореалистично, тие дури и се облекуваат како во 1986 година.
Досега животот им тече убаво, а Блер вели дека заштедиле и многу пари затоа што нема сметки за кабелска и за телефони.
„Немам ништо против технологијата, но сакав да видам како е кога нема технологија околу мене“, вели тој.
Тој сака да го претвори експериментот во документарец за тоа како откажувањето од технологијата ги поврзува луѓето со своите семејства и пријатели.