Многу луѓе сметаат дека им е лесно на мајките и на татковците што остануваат дома за да се грижат за децата. Но, преморените родители постојано се обидуваат да го разбијат овој мит.
Бред Кернс, татко на три деца, заедно со неговата сопруга Сара го документира нивното родителство на социјалните медиуми со цел да им покаже на другите луѓе колку е всушност тешко да се биде родител кој останува дома и се грижи за децата. Тој вели дека неговата работа е ништо во споредба со она со што се соочува неговата сопруга.
– Предолг ден на работа. Имавме месечен лидерски состанок. Морам да патувам пет часа и притоа да менувам автомобил и воз.
Потоа треба да седам на работа цел ден и да извршувам различни обврски и да водам важни разговори. Исцрпувачки е.
А што прави мојата сопруга? И не баш многу.
Сѐ што треба да направи е да ги разбуди наши две деца, да ги облече и да ги нахрани додека го дои третото.
Потоа, сигурно ќе треба да ги однесе во дворот или во паркот за да ја извлече целата нивна енергија. Колку лесно. Сѐ што треба да направи е да ги распореди чантите, да ги пронајде капите, да спакува грицки и дополнителна облека и да ги однесе до автомобилот.
Додека се таму, таа уште еднаш ќе треба да го надои бебето. Без да го пушти од рацете ќе мора да им помогне на другите две деца да се качат и да слезат од лулашките и да ги стимулира за да не им биде досадно. Навистина многу лесно.
Потоа ќе се вратат дома и таа ќе мора да им направи ручек што веројатно нема да го изедат. Потоа, додека се обидува да ги натера да се одморат, ќе го направи онлајн-шопингот на намирници.
Напладне, децата повторно ќе бараат да ги возат велосипедите, скутерите и да трчаат во дворот. Веројатно ќе треба повторно да го надои Теди. Во 16 часот децата повторно ќе се уморат и ќе станат раздразливи. Ќе се расправа со нив за глупави нешта како: „Не удирај го брат ти“.
Во 17 часот ќе сака да знае каде сум. Во меѓувреме намирниците ќе бидат доставени и момчињата ќе почнат да лудуваат. Теди ќе бара да го земе в раце и таа ќе мора да го надои и да ја започне вечерната рутина. Јас ќе ѝ вратам порака: „Ќе ти се јавам подоцна“ бидејќи сум зафатен.
Ќе ја приготви вечерта, ќе ги гледа додека јадат, ќе ги избања и ќе ги облече во пижами – сето тоа ќе го направи со една рака бидејќи сѐ уште ќе го држи Теди. Преморена, без ниту една секунда за себе, таа повторно ќе ми се јави за да види до каде сум. Ќе биде уморна, фрустрирана. Ќе биде иритантна и нема да сака ништо освен топла бања, шампон и шолја чај.
Ќе влезам во куќата околу 19:30, по мојот огромен ден. Таа ќе седи на телефон близу креветчињата бидејќи децата сѐ уште се борат со сонот.
Јас веројатно ќе треба да ја приготвам вечерата.
Како што реков; денес имав навистина огромен ден.
Ти благодарам за сѐ што правиш за нас. Ти си лепилото.