Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 2 машки дечиња, едното сега ќе полни 5 години, а другото има 3 години и 8 месеци. Многу се темпераменти и не знам како да ги опишам. Маж ми е во странство, јас сама ги чувам, сами живееме. Кога сме дома сами, ме слушаат, некогаш се многу мирни, некогаш многу немирни. Кога разговараме, ветуваат дека ќе бидат мирни, но штом има некој друг со нас или ако отидеме некаде, кај мајка ми или свекрва ми, или на гости, сѐ тоа пропаѓа во вода и воопшто не ме слушаат, губам целосна контрола врз нив. Ми тераат инает. Не помага никоја техника, значи ни со арно ни со лошо. Тоа страшно ме нервира…14 месеци се разлика, ама веќе се поголеми и треба да се смират, почнаа и во градинка така да прават, особено откако татко им отиде во странство, не можам во ред да ги ставам. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: За жал, од вашето писмо не добивам јасна слика во однос на вашето прашање. Велите дека синовите ви се доста темпераментни и дека не ве слушаат, но не сфатив во однос на што не ве слушаат? Дали е тоа во однос на извршувањето на нивните секојдневни активности, на пример, јадење, миење запчиња, пресоблекување и слично, или во однос на нивната динамика на игра. Доколку е во однос на ова второто, тогаш ве молам бидете свесни дека две мали момчиња имаат многу, многу повеќе енергија од една уморна мајка.

Ве разбирам и знам дека сигурно не ви е лесно да се грижите за нив и за целото домаќинство сами, и дека поради отсуството на сопругот често пати треба да бидете и мајка и татко. Но истовремено не можете да очекувате вашите синчиња да се откажат од својата игра и својата природна динамика поради тоа што сте вие уморни. Таквото очекување не само што не е реално, туку може да биде негативно и за децата и за вас.
Ми пишувате дека губите контрола над нив и дека ниту една стратегија што ја применувате не дава резултат. Бидете свесни дека ќотекот во ваквите ситуации не само што нема да ја подобри ситуацијата, туку напротив, може драстично да ја влоши. Дали сте се обиделе наместо да наметнувате контрола, да изградите сојуз со нив? Тие се доволно големи за да можат да се грижат за некои свои основни потреби, како и да ви помагаат за некои едноставни домашни работи, како на пример да си ги средуваат играчките, да ги соберат чевлите или да ги здиплат пижамите. Системот на пофалби и награди е многу поефикасен од системот на казни. Разговарајте со вашите деца и заедно договорете каков систем ќе користите.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X