Колку пати сме изговориле реченици од типот: „Тој е тврдоглав, баш како мене“, „Таа е срамежлива, и јас бев таква“, „Не е баш по учењето, ние во семејството не бевме добри ученици“.
Ги изговараме без лоша намера. Понекогаш со доза гордост, понекогаш со блага загриженост, а често и како објаснување за себе и за другите. Но, тие реченици не се само опис на детето. Тие се порака. А пораките што децата постојано ги слушаат имаат моќ да влијаат врз тоа какви ќе станат.
Тука на сцена стапува Пигмалионовиот ефект
Што е Пигмалионов ефект?
Пигмалионовиот ефект опишува појава каде што очекувањата на возрасните се остваруваат токму затоа што веруваме во нив. Со други зборови, детето често станува она што постојано му велиме дека е.
Ако веруваме дека детето е „тврдоглаво“, ќе се однесуваме кон него како кон дете кое сигурно ќе се спротивстави. Ако очекуваме дека е невнимателно или мрзливо, ќе му нудиме помалку шанси да се покаже. И со текот на времето детето ги усвојува тие пораки како вистина за себе. Не затоа што е родено такво, туку затоа што во тоа верува.
Етикетите го управуваат однесувањето
Родителските етикети ретко звучат грубо. Тие често се завиткани во шега, споредби или семејни приказни: „Тој е нашиот мал бунтовник“, „Таа е емотивна, веднаш почнува да плаче“, „Тој е невнимателен, никогаш не гледа каде оди“.
Проблемот е што детето не го слуша контекстот, туку ја слуша пораката за себе. И многу брзо почнува да се однесува според неа.
Детето што постојано слуша дека е „срамежливо“ се повлекува уште повеќе. Детето што слуша дека е „проблематично“ престанува да се обидува да биде поинакво. Детето со етикета „паметно“ може да се плаши да направи грешка бидејќи мора да ги оправда очекувањата.

„Како мене е, повлечен“
Децата се комбинација од генетика, темперамент и искуства. Но тие не се копија на родителите. Кога велиме „таков е, како мене е повлечен“, несвесно ги затвораме вратите за промена, и кај детето и кај нас.
Со тоа им порачуваме: дека особината е непроменлива, дека нема потреба да се развива поинаку, дека е така како што е.
А децата се развиваат токму преку можноста да станат повеќе од тоа што се во моментот.
Како да го користиме Пигмалионовиот ефект за доброто на детето?
Не значи дека треба да ги игнорираме предизвиците или да го идеализираме детето. Но можеме да го промениме јазикот со кој зборуваме за детето, пред него и во себе.
Наместо етикети, треба да опишуваме однесување.
Не: „Тој е мрзлив“. Наместо тоа: „Тешко му е да почне кога задачата изгледа премногу тешка“.
Не: „Таа е премногу нежна“. Наместо тоа: „Многу интензивно ги доживува емоциите“.
Не: „Не е по учењето“. Наместо тоа: „Учиш поинаку и со сопствено темпо“.
Децата стануваат она во што веруваме
Пигмалионовиот ефект не нè повикува на совршенство, туку на свесност. Дека треба да запреме пред да го обликуваме детето според една особина. Да се запрашаме: „Дали оваа реченица му помага или го ограничува?“
Бидејќи децата често не живеат според својот потенцијал, туку според очекувањата на возрасните што им се најважни.