Детството ги поставува темелите за остатокот од животот на една личност. Работите што ги паметиме, луѓето што сме ги запознале, активностите и животните настани што сме ги споделиле стануваат дел од нашите убави спомени од детството. Здравото детство води до здрава зрелост.

Важноста на среќното детство

Децата се развиваат и физички и психички. Среќните деца растат во здрави, добро приспособени и успешни возрасни. Од друга страна, лошите искуства од детството можат да имаат штетни последици врз здравјето. Детството во кое доминираат негативни емоции може да доведе до лошо ментално здравје.

Придобивките од растењето со радосни искуства од почетокот на животот вклучуваат:

Подобри резултати за физичкото и менталното здравје;
Помалку проблеми во однесувањето;
Повисоки академски перформанси;
Поголема креативност;
Подобри вештини за решавање проблеми;
Повеќе социјални вештини;
Подобра самодоверба;
Поголема отпорност;
Подобро здравје во зрелоста;
Зголемено задоволство од животот;

Тајните на среќното детство

Дали природата или одгледувањето и воспитувањето ја одредуваат долгорочната среќа на вашето дете? Науката ни кажува дека двата фактори придонесуваат за среќата на децата.

Добрите гени можат да го доведат детето во подобра позиција да ужива во семејниот живот, но родителството и средината во детството, исто така, можат да влијаат врз тоа какво ќе биде детето. Не постои само едното или другото, туку интеракција меѓу нив.

Не можеме да ја промениме генетиката. Но, револуционерните истражувања открија неколку различни начини за воспитување среќни, здрави деца.

Среќните деца имаат топли родители кои брзо одговараат на нивните потреби

Топлото и одговорно родителство е една од најсилните прогнози за среќно детство. Децата имаат тенденција да развиваат сигурни приврзаности кои се поврзани со многу позитивни исходи.

Родителите што брзо реагираат на однесувањето на своите деца и ги задоволуваат нивните потреби создаваат безбедно детство исполнето со убави спомени. Децата се чувствуваат безбедно и заштитено.

Среќните деца добиваат силна емоционална поддршка од возрасните

Емоциите се исклучително важни за нашиот мозок. Децата лесно може да ги усреќите. Сите сме виделе видеа од бебиња кои непрекинато се смеат на најмала работа. Со нив можете да играте криенка со часови и нема да им биде здодевно.

Едно истражување покажало дека децата на возраст меѓу 6 и 12 години покажуваат високо ниво на позитивни емоции, но како што растеле, степенот на позитивност се намалувал. Се чини дека најмладите се најзадоволни од својот живот, додека најстарите повеќе се колебаат.

Зошто е така?

Тоа е така затоа што среќното детство не е само обезбедување на позитивно искуство и среќни моменти од детството. Тоа значи и дека треба да ги поддржуваме и да им дадеме помош во тешки околности или кога се борат со негативни емоции.

Кога мало дете има излив на бес, покажете сочувство и помогнете му да се справи со него, за следниот пат да научи да ги препознава и регулира емоциите. Не игнорирајте го и не казнувајте го детето. Треба да му покажете безусловна љубов наместо да го срамите и обвинувате за трауматски искуства.

Среќните деца имаат добри меѓучовечки односи

Среќата може да се најде во позитивните односи со добар пријател или член на семејството. Детската перцепција за среќата е под силно влијание на нивните блиски односи со врсниците и родителите. Добивањето комплименти од пријателите и семејството ги прави посреќни.

Среќните деца учат од модели со силни вредности

Усвојувањето одредени вредности и однесување од страна на родителите може да придонесе за среќата на децата. Истражувачите откриле дека среќата на родителите може да се пренесе на децата преку нивните вредности и однесувања.

Ако им дадете висок приоритет на просоцијалните и семејните вредности пред материјалните и одржувате здрава рамнотежа помеѓу работата и слободното време – ќе бидете добар пример за вашето дете за тоа какви однесувања го прават посреќно.

Среќните деца се чувствуваат компетентни и имаат чувство за самоефикасност

Вклучете ги децата во активности кои одговараат на нивните интереси и помогнете им да станат вешти. Децата што развиваат чувство на самодоволност се поздрави, посреќни и поуспешни.

Ако децата се чувствуваат ценети од родителите и наставниците, тоа влијае врз нивната желба за самоподобрување. Мотивирајте го нивниот начин на размислување со пофалба на нивниот напор и процес, а не на нивните способности или таленти.

Среќните деца имаат автономија во животот

Децата израснати со родители кои ја поддржуваат автономијата обично имаат подобро психолошко и психо-социјално функционирање. Тие чувствуваат контрола над нивните животи. Тие можат да преземат одговорност кога учат и градат пријателства.

Спротивно на тоа, родителите што имаат тенденција да контролираат и не им дозволуваат на децата да донесуваат какви било одлуки, може да предизвикаат анксиозност, депресија и општа несреќа кај децата.

Среќните деца се љубезни и благодарни

Луѓето наоѓаат среќа во покажувањето добрина и благодарност. Децата што се љубезни и благодарни доживуваат повеќе среќа во возбудливи настани. Уживаат во подобри социјални односи и се попријатни во секојдневниот живот.

Среќните деца учествуваат во социјални активности

Вклучувањето на децата во општествените активности и заедницата придонесува за нивното чувство на припадност, го зголемува нивното чувство за социјална поврзаност и ги прави посреќни.

Среќните деца редовно вежбаат

Физичките вежби можат да го подобрат расположението на детето. Редовното вежбање е поврзано со многубројни придобивки, вклучувајќи среќа, самодоверба и намален ризик од зависност од дрога.

Наместо заклучок – уште една мисла за среќно детство

Среќното детство е неопходно за развојот на детето. Сепак, тоа не значи дека треба постојано да ги правиме среќни нашите деца. На секое дете му е тешко да биде среќно кога цел ден пишува домашна задача по математика, кога родителите ќе го исклучат интернетот, кога ќе изгуби во игра или кога треба да изеде порција боранија за ручек. Сите овие искуства се непријатни за детето, но се и едукативни и корисни за него.

Кога детето поминува низ овие неизбежни негативни искуства, со помош на родителите може да развие здрава толеранција за фрустрација.

Затоа, на децата не им треба совршено детство за да бидат среќни. Обезбедувањето топла и целосна поддршка е еден од најдобрите начини да им помогнете да ги надминат предизвиците дури и ако имаат тешко детство.

Извор



912

X