Игротека

Волшебните утра кријат тајна. Дајте им на децата да работат

Приготвувањето појадок и спремањето на децата за на училиште во раните утрински часови е прилично напорна работа. Ќе си ја олесните доколку создадете систем и рутини

Авторот Џастин Кулсон и неговата сопруга направиле утринска листа со задачи за секое дете. Создале мени за појадок и мени за ручек, исто како оние што ги даваат во рестораните. Секоја вечер нивните деца ги пишуваат своите менија за појадок и ручек за наредниот ден.
Не им служиме како готвач, слугинка или батлер и не ги принудуваме на „ропство“. Ги учиме на животните вештини врз основа на теоријата на Едвард Деци и Ричард Рајан, професори по психологија на Универзитетот во Рочестер. Тие предлагаат дека за децата (и возрасните) да бидат мотивирани и среќни, треба да им бидат реализирани три основни психолошки потреби: поврзаност, компетентност и автономија.

Како функционира?

Правило број 1: Утрата почнуваат уште претходната вечер

По вечерата децата ги пополнуваат своите менија за наредниот ден. Избираат каков појадок сакаат, а потоа го пишуваат менито за ручек. Одат на спиење навреме (без уреди во нивната соба).
Видете дали работите се на свое место. Проверете дали училишните униформи се испеглани, дали чорапите и чевлите се на нивно место и дали сè друго е на свое место, вклучувајќи ги и училишните чанти и ручекот. Сигурно дека не сакате наутро да ги барате сите овие работи – затоа организирајте се пред децата да одат во кревет.

Правило број 2: Создајте утринска листа со задачи

Ако постојано им кажувате на децата што да прават наутро, тогаш треба да ја заштедите енергијата со создавање едноставна листа со задачи што тие ќе можат да ја следат. Ставете ја на ѕидот.

Правило број 3: Разбудете се 10 минути порано

Почнете го денот со тоа што и вие и децата ќе станете малку порано. Направете го тоа нежно и љубезно. Седнете на креветот на децата и погалете ги по грбот. Поминете неколку минути со нив зборувајќи им за нивниот ден. Дајте им до знаење дека е време да станат и дека сте тука за да им помогнете, ако им е потребна помош.

Правило број 4: Направете колку што можете помалку

Гледајте ги децата како ги извршуваат своите задачи. Ќе ја напуштат собата облечени за на училиште бидејќи нивната облека била подготвена од вечерта.
Ќе одат во кујната, ќе се организираат самите бидејќи сето тоа им било подготвено вечерта претходно. Ако заглават, можете да им помогнете.

Ќе го земат менито за ручек и ќе си ги организираат овошјето, зеленчукот, ужината и пијалакот. Повторно, ако заглават некаде, вие сте тука да им помогнете.
Но поголемиот дел од времето вашата работа е да седите.

Кога не функционира?

Повремено ќе се соочите со утра кога ништо не функционира. Но ова може да биде резултат на доцното легнување, недостигот на подготовка од претходната ноќ. Може да се случи вашето дете да не сака да оди на училиште поради расправија со другарчето. Родителот што не брза подобро одговара на емоционалните кризи на неговите деца.
Процесот бара време и внимание навечер, што е тешко ако двајцата родители работат до доцна. Вистина е дека некои од овие задачи се предизвик ако децата се под 5 години – но можете да го приспособите методот и да делегирате задачи што ќе бидат соодветни за годините на вашето дете. Така, уште пред да забележите, ќе создадете навистина волшебни утра без воопшто да има потреба да брзате.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top