Оставете ги тајните во душата на добро воспитаното дете и тоа со радост и смеа еден ден ќе ви ги раскаже. Не судете ја сосема човечката слабост на вашите деца и тинејџери, оти и вие еднаш имавте макар само една тајна…
Едно дете се роди во едно обично, соодветно и релативно здраво семејство. Цицаше од дојките на мајка си небаре тоа е најслаткото јадење на овој свет. Ги какаше пелените не знаејќи за срам и смрдеа. Се качуваше на сите невозможни места, оти не узнаваше дека може да се падне. Гугаше по сите луѓе подавајќи ги рачињата оти за него не постоеја зли намери. На лицето му се читаа само неколку едноставни изрази и тоа беше сè.
Животот почна да се усложнува. Прооде тетеравејќи се додека се обидуваше да се придржи на ичкртаниот ѕид оформен во неговите детски уметнички дострели. Ја откри предизвикувачката убавина на надворешниот свет. Миризбите на цветовите кои ги пикаше в уста и ги џвакаше оти не знаеше дека може да се отровни. Се смееше на секое лицемерно извитоперено лице во насмевка на секој сосед, кој од куртоазија го погалуваше. Иако имаше и искрени меѓу нив. За него дождот не беше мокар како за татко му, оти не знаеше за последиците од студената вода. На сонцето му се радуваше оти мислеше дека е дете што се смее, зашто не му ја знаеше разорната моќ. Ги гледаше автобусите кои му беа колку згради, возот од чиј звук имаше кошмари и погледите на урокливите очи од кои се урочуваше, но сепак ги примаше зашто не знаеше за лоша енергија. Се бркаше со другите деца оти не знаеше за вера и нација, за боја на кожата и политички уверувања. Сè и сите му беа исти оти сè уште не умееше себеси да се издвои од светот. Живееше во симбиоза со сè околу себе. Беше вистински дел од природата на која и самото ѝ припаѓаше. Ветерот му беше најубава музика зашто не знаеше за урагани и цунами. Дворот на татковата куќа му беше најголемиот простор на светот оти не знаеше дека постојат држави и граници.
Прозборе, животот уште повеќе се усложни. Научи да вика Јас. Разбра дека е различно од другите, но сепак ги сакаше сите. Напати ќе се посомневаше интуитивно и рефлексно на нечија постапка, но не знаеше за сарказам и иронија. Ги именуваше предметите и беше најсреќно кога ќе го погодеше точното име. Научи дека мама не исчезнува штом ќе излезе од собата и дека тато сепак се враќа од работа за да го гушне. Гледаше цртани филмови и сè му беше весело, смешно и убаво. Се поистоветуваше со сите ликови и ги глумеше нивните гримаси и телесни гестови. Почна да имитира иако не знаеше што е тоа глума. Се научи да кака во нокширче и беше најгордиот човек на светот кога ќе успееше да го стори тоа коректно. Почна да оди во градинка. Играше социјални игри, црташе во блокче и пееше убави, мили и невини детски песнички за: есента, зимата, Дедо Мраз, славејчето, ветрето и зајачето. Таму сретна различни од себе и со некои од нив се дружеше, а други ги избегнуваше иако сè уште не знаеше за дискриминација и поделби. Почна да сфаќа дека некои од децата не ги даваат своите играчки, а други го прават тоа. Напати ќе дојдеше расплакано и тажно, ама не знаеше за депресија и апатија.
На свет дојде сестричето. Го играше и држеше в раце иако на моменти чувствуваше чуден бодеж во градите, и покрај тоа што не знаеше што се тоа љубомора и завист. Еднаш го бутна од креветчето и се смееше сè додека не виде дека нешто се случува и дека неговите се загрижени, оти не знаеше за повреди и можни последици. Почна да расознава уште и уште и уште разлики, но сè уште имаше живост, радост, среќа и бескрајни весели мигови.
Тогаш, тогаш, се случи нешто за што не знаеше дека ќе му го промени сиот живот. Доби сопствена соба. Сопствен и само свој свет. Во неа имаше убаво креветче со омилените ликови од цртаните. На едниот ќош убава детска ламба, а од другата страна пространо орманче каде што мајка му ги чуваше неговите облекла. Во средината високо на таванот убава плафонерка која ширеше шарена зелено-жолта светлина. На полиците сите омилени кукли, играчки и разни други тракатанци од најразличен материјал и вид. Почна да чувствува нешто чудно и неразбирливо, некаква форма на себичност од најрудиментарен вид. Нешто како чување на своето. Како одеднаш светот да се подели на тој во собата и надвор од неа.
Имаше нешто волшебно во таа соба, а тоа не беа волшебните светилки и украси. Нешто друго беше, кое со зборови не можеше да го опише. Нешто кое значеше – чувај се, ова е мое и само мое! Не сакаше да ја пушти својата сестра во собата и бескомпромисно ја бранеше секоја педа своја територија. Растеше и веќе беше ученичка во трето одделение. Сè повеќе и повеќе време поминуваше затворена во својата соба, небаре во бункер кој ја заштитуваше од сè што беше надвор.
И да, почна да осознава дека постои болка, дека има опасности, дека сите луѓе не се добронамерни и дека светот е поделен на нации, вери, а држава е она нешто што има граница. Еднаш го праша татка си – тато, дали мојава соба е држава?! Татко ѝ благо се насмевна и ѝ рече – не чедо, не, но сепак е твоја соба и ти си одговорна за неа. Зборот одговорност одѕвони во детските ушиња. И така поминуваа денови и денови, а таа како и малиот Буда, од ден на ден узнаваше нови и нови нешта за светот и луѓето. Како што повеќе сознаваше, така стануваше чудно расположена и тажна. Напати меланхолично се повлекуваше под јорганот и мечтаеше за оние рани денови кога ништо од ова не ѝ беше познато. Секако дека имаше и убави нешта, ама како сè повеќе да сфаќаше дека убавите нешта треба љубоморно да се чуваат оти некој сака да ги земе за себе. Дека лошите нешта се случуваат сами од себе, а добрите, ех, за добрите треба да се избориш.
Еден ден нејзината мајка ѝ даде мала сума пари за да плати нешто на училиште. Но, таа наместо да плати, од некоја чудна и несфатлива причина и од некоја орканска сила понесена, парите ги потроши во блиската продавница. Кога дојде дома, не кажа за тоа. Тој ден беше денот кога нашата мала хероина првпат осозна што е тоа Тајна… Оттогаш натаму како што растеше, тоа што се нарекуваше тајна растеше заедно со неа. Од ден на ден младата тинејџерка подзатскриваше некои ситни дреболии. Оттогаш натаму ништо во нејзиниот живот веќе не беше исто. Но, сепак, таа порасна во добра и паметна девојка…
„Чудно се чувствуваш кога ќе влезеш во детската соба. Како некој дух да паѓа на твојата глава“ (извадок од сцена во филмот „Есенска соната“ на Ингмар Бергман).
Тој дух што виси над нашите глави во собата на нашето дете се тајните на неговата искрена душа…
П.С. Драги родители, едно прашање за вас: Дали постои макар еден од вас кој никогаш не ги излажал своите родители и не сокрил некоја мала тајна само за себе. Ако има макар еден/една од вас кој/а потврдно ќе одговори на ова прашање, ве молам, игнорирајте го расказот за девојчето. Ако не, слушнете ме добро. Човекот во себе има темна страна, Сенка ја викаме. Таа сенка е дел од нашето битие како и најсветлата вредност што ја поседуваме. Ако на сенката не ѝ ја признаеме егзистенцијата, таа ќе расте и ќе го преплави нашето свесно битие. Детските соби кријат многу тајни: од скршени предмети, расипани играчки, помочкани чаршафи итн. кај малите деца, па сè до првиот бакнеж, првото бегање од училиште, првата скришна цигара, тајните од муабетите со другарите итн., кај поголемите деца. Оставете ги тајните во душата на добро воспитаното дете и тоа со радост и смеа еден ден ќе ви ги раскаже. Не судете ја сосема човечката слабост на вашите деца и тинејџери, оти и вие еднаш имавте макар само една тајна… Еднаш одамна било кажано – погали го детето и кога ќе згреши зашто животот ќе го казнува и кога ќе биде праведно!
Автор: Мирослав Пендароски, психолог, универзитетски професор
912