Игротека

Тајната на успешното воспитување во Сингапур се платените баби и дедовци

Сите ние сонуваме за она идеално „село кое го воспитува детето“ сè додека не сфатиме дека нашето село понекогаш значи пасивно-агресивни коментари, сомнителни совети и баба што од милост детето го нарекува „дебелко“.

Но, дописничката на „Хафингтон пост“ од странство сведочи за сосема поинакво сценарио, модел во кој бабите и дедовците не се извор на стрес, туку столб на родителството.

Како што вели таа, во Сингапур бабите и дедовците се вистинска поддршка за милиони родители што работат. Дури половина од децата на возраст од 18 месеци ги имаат токму нив како примарни негуватели. И не, тоа не е само добра волја, туку јасен договор. Родителите им даваат месечен надоместок како знак на благодарност и признание.

Секако, и таму има недоразбирања околу „премногу сладолед“ или „предолго гледање цртани“, но клучната разлика, вели таа, е во тоа што родителите знаат како да го одржуваат мирот. Со трпение (и можеби симболичен надоместок), можно е бабите и дедовците да станат дел од секојдневната грижа за децата без изгубени нерви.

Како изгледа тоа во практика?

Понекогаш треба да попуштите – мајките во Сингапур знаат дека повеќе раце значи помалку контрола. Појадок без правила, екран наместо чинија? Тие избираат за што да се расправаат и премолчуваат за ситници за да имаат сила за важните работи.

Почнете со мали задачи – ако бабата и дедото се „посебен предизвик“, најдобро е да се почне со едноставни, јасни задачи: миење шишенца, чување додека детето спие, читање приказни преку видеоповик.

Не очекувајте да станат модерни воспитувачи – нема смисла да го убедувате дедото во „бебе што самостојно се храни“ или бабата во „нежно родителство“. Малата разлика во стиловите не е штетна, па дури може да придонесе за отпорноста на детето.

Платете им. Да, навистина – можеби звучи необично, но финансискиот надоместок не е знак на отуѓеност, туку знак на почит. Кога сите се чувствуваат вреднувани и забележани, и емоционално и материјално, полесно е фокусот да биде на детето, а не на старите рани или на борбата за контрола.

Пари за дневни трошоци, гориво, излет со внуците – ситници што можат да направат голема разлика. Понекогаш најпаметниот родителски потег е да му го препуштите детето на некој друг дури и ако тоа значи дека ќе изеде сладолед пред ручек.

Извор

Поврзани написи

To top