Здружението „Сина светулка“ во соработка со „Светот на Биби“ и Деца.мк ја протолкува песничката „Светот на Биби шарен е цел“ на знаковниот јазик, на забавен начин.
Досегашните истражувања покажале дека децата/лицата со аутизам кои немаат развиен говор можат да научат да комуницираат со знаковен јазик. Голем број деца со нарушување од спектарот на аутизам го прифаќаат знаковниот јазик затоа што се заснова на визуелност и обезбедува брз начин на комуникација. Исто така, истражувањата покажале дека знаковниот јазик може да помогне во развојот на јазикот и вербалниот говор кај овие деца, објаснува Јасмина Трошанска, претседател на Здружението.
Предноста на знаковниот јазик е тоа што овозможува комуникацијата да се случува брзо, децата полесно ќе ги искажат своите потреби и мислења, а тоа ќе го намали предизвикувачкото однесување и ќе ги зголеми можностите за социјална интеракција на децата со аутизам.
Инаку, неодамна здружението „Сина светулка“ го промовира проектот „Аутизам – онлајн-поддршка“. Веб-страницата: www.sinasvetulka.mk наскоро освен на македонски јазик ќе биде достапна и на албански и на англиски јазик.
– Сите наши искуства што ги стекнуваме од соработката со меѓународните организации и универзитети имаме желба да ги пренесеме и приспособиме на нашите услови. На тој начин ќе помогнеме во процесот на инклузија на лицата со аутизам, кон што се насочени и активностите на нашите државни институции. Во соработка со Арагоса – центарот за аугментативна и алтернативна комуникација под лиценца на Creative Commons (BY-NC-SA) првпат ќе имаме можност да преведуваме и адаптираме материјали за визуелна поддршка на македонски јазик. Новина е тоа што во соработка со Здружението „Млад знак“ се обидуваме да придонесеме во поголема едукација за значењето и употреба на едноставниот знаковен јазик во работата со децата со аутизам, како визуелна поддршка при развој на говорот и комуникацијата – изјави Јасмина Трошанска, претседател на Здружението.
Знаковниот јазик и вербалната комуникација можат да се учат истовремено. Се верува дека зборовите презентирани со гест можат да им помогнат на децата со аутизам да го развијат говорот бидејќи претставуваат визуелно поттикнување за изговорениот збор. Знаковниот јазик може да биде одлична алатка за подобрување на комуникацијата, независноста и академските постигнувања кај децата/лицата со нарушувања од спектарот на аутизам.
912