Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование и наука, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Фондацијата „Метаморфозис“ денеска организираа еднодневна обука за сајбер-безбедност за ученици, наставен кадар и родители. Учествуваа ученици, наставници и административен кадар од основните училишта „Кирил Пејчиновиќ“ и „Хасан Приштина“ од Скопје.
Целта на обуката е да се подигне свеста за ризиците во сајбер-просторот, како и одговорностите на родителите, образовните институции и органите на државната управа при справување со сајбер-инциденти кај учениците од основно образование.
– Министерството за информатичко општество и администрација ја стави сајбер-безбедноста во фокусот на својата работа со подготовката на Стратегијата и Акцискиот план за сајбер-безбедност. Тоа што е најважно за соочување на проблемот со сајбер-криминалот и ризиците со кои сите ние се соочуваме на интернет е да сфатиме дека станува збор за глобален проблем, кој не познава граници. На локално ниво, од друга страна, мора да сме свесни дека единствено можеме да се соочиме со овој проблем доколку се обединиме сите заедно. Тука мислам на владините и образовните институции, бизнис-заедницата, невладиниот сектор, родителите, наставниците, и на децата кои од мали нозе мора да научат како да го користат интернетот – рече Манчевски.
Тој додава дека темата не смее да се игнорира. Како што истакна, нашата земја е во чекор со европските трендови, односно речиси 75% од популацијата на возраст меѓу 15 и 19 години имаат профил на социјалните мрежи. Овие бројки се потврда дека треба посветено да се работи на јакнење на свеста од најрана возраст.
На настанот се обрати и министерот Адеми.
– Веќе неколку години наназад постои конзистентност на политиките за заштита и безбедност на учениците и генерално на младите при користењето на интернетот. Воведени се промени во образовниот систем кои продолжуваат да се надградуваат, а воведуваме и нови содржини, односно спроведуваме нови активности согласно Националната стратегија и Акцискиот план за сајбер-безбедност за периодот 2018-2022 – истакна министерот Адеми.
Амбасадорот на ОБСЕ-мисијата во Скопје, Клеменс Која, го поздрави координативниот пристап меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за образование и наука во однос на сајбер-безбедноста, додавајќи дека ваквите настани, меѓу другото, се во насока на подигнување на свесноста за користење на интернет-технологијата.
И за директорот на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, заедничкиот инклузивен пристап кон темата сајбер-безбедност е најсоодветен за справување со сите можни ризици при користењето на интернетот.
Во 2018 година Владата ги усвои Националната стратегија и Акцискиот план за сајбер-безбедност 2018-2022, според кои е предвидена реализација на активности што се однесуваат на зголемување на свеста и основните познавања од областа на сајбер-безбедноста на сите нивоа на образование.
912