Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: За моето дете ми рекоа дека е хиперактивно и дека има АДХД. Кога се роди, беше најмирно дете на светот. Што се случи, не знам, но како што расте, станува сѐ понемирен. Многу пати ми има речено дека не го сакам. Кога ќе се налути, ни вели дека тој не нѐ сака.
Кога беше помал, додека лежевме в кревет ќе ме гушнеше и ќе ми речеше: „Мамо, ти не си лоша мајка.“ Но тоа често ја имитира баба му која му вели: „Седи синче долу кај баба да не те кара мајка ти, таа е лоша.“ Ја имам слушнато кога одат до продавница како му вели: „Сега дојди со мене и биди мирен, ако не си мирен, ќе ѝ кажам на мајка ти, па ќе те носи во градинка.“ Седат во двор и гледаат мачки и таа му вели: „Е да се прашуваш ти, сега ќе имаш маче дома.“ Тој, како и секое дете, прашува дали може, но таа му вели дека мајка му не дава.
Толку си игра со чувствата на детето, што тоа не знае кого да слуша. Прашањето ми е дали детето го користи ваквото однесување на одредени личности, па вакво е станато. И што би ми препорачале, како да се однесувам?
ОДГОВОР: Како досега сте реагирале на ваквиот тип провокации преку детето? Што имате направено за да го адресирате вашето незадоволство во однос на ситуациите во кои се наоѓате. Да, сосема сте во право дека ваквата неусогласеност може да креира емоционална збунетост кај детето, при што вие сте претставени како строга и недопустлива, а вашата свекрва, претпоставувам, се прикажува како грижлива и дека го разбира детето.
Очигледно е дека не можете да ја смените свекрвата, таа ќе си остане иста. Можете да ѝ укажете на она што ве повредува и дека би сакале да гледате на неа повеќе како на поддршка отколку како на непријател, затоа впрочем и не му забранувате на вашето дете да се дружи со неа, бидејќи љубовта на бабите и дедовците е многу важна за детето. Споделете и дека тој е збунет и многу тажен кога таа зборува така за неговата мајка, и дека тоа вас навистина ве повредува, затоа што сакате и покрај сите тешкотии на адаптација што ги имате, во делот со поддршка да бидете единствени.
Секогаш е полесно вината да се префрла на оној што не е родум од семејството, и можно е да има некоја необјаснета лутина кон вас, поради она што детето го поминува, што воопшто не е логично, но сепак вашата свекрва е традиционална и со еднострани сфаќања на работите. Исто така, би ве прашала дали ова го имате споделено со вашиот сопруг, нејзиниот син? И што имате добиено како одговор? Тешко е да бидеш на тоа место, помеѓу два огна, сепак, наместо да му репортираш што се има случено, побарај од него совет, како би можело тоа да се реши и како тој би помогнал да се реши, кажете му дека не се чувствувате добро кога го слушате тоа од неговата мајка и дека ви носи чувство на безвредност во однос на сопственото дете. Секако, не држете го настрана и не штитете го од вклучување со изговор: „Па што знаат мажите за ваквите ситуации, тој е само мамин син“. Така е, но не заборавајте дека сега има ново семејство со вас и дека и вие сте значајни и битни луѓе во неговиот живот.
Не знам какви ви се односите во семејството, дали имате одредена автономија и независност во живеењето. Понекогаш проширените семејства, или семејствата на повеќе генерации знаат да создадат одредена неприродна поврзаност, послушност и нервоза која не може директно да се изрази, туку може да биде преместена или во форма на пасивна агресивност.
Доколку на крај ги исцрпите сите можности и гледате дека нема начин како да се справите, една опција е да ги ограничите дружењата со баба му, или само во ваше присуство, т.е. во присуство на татко му, или пак разговарајте со детето и објаснете му дека понекогаш возрасните кажуваат работи што не би требало, не со лоша намера, туку едноставно не знаат поинаку, дека кога баба му ги кажува тие работи, гледате дека е збунет и дека тоа е нормална реакција. Но дека нема потреба да одбира, туку може да се дружи со сите, веќе е доволно возрасен да процени дали тоа баба го кажува затоа што е нејзино мислење или е вистина.
Објаснете му дека секој различно размислува, дека таа е повозрасна жена и сака да му покаже така го сака, но нема поинаков начин. Дека кога ќе се чувствува збунет и не знае што да направи, вие сте тука да разговарате со него. Исто така, многу е битно да му кажете дека не се лутите на баба му, но имате право да ѝ кажете кога нешто не ви одговара, а се однесува на него, затоа што вие сте негова мајка и првенствено се грижите за него.
Понекогаш со дете кога е хиперактивно е тешко да се прави разговор директно и потребно е разговорот да се прави со движење, или во рамки на некоја активност.
Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912