Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам 5-месечно синче, а со нас живеат и моите свекрва и свекор. До неодамна имав конфликт со свекрвата затоа што за сè се мешаше околу чувањето на детето, поминав низ тоа и попуштив затоа што моето дете се разболи, но гледам дека сака да има големо влијание врз него, односно се однесува како мајка, прави некои работи од инает користејќи го детето и секој ден сум нерасположена. Дали да оставам да се однесува така или треба да преземам нешто. Ве молам за совет.
прашува: читателка
ОДГОВОР: Почитувана мајка, современото семејство денес е во специфична позиција на напуштање на традиционалните граници во кои се чувствуваше безбедно и заштитено од авторитетот кој го имаа родителите и е исправено пред предизвиците на демократските движења кои се присутни во сите области, па и во делот на семејното живеење и семејните врски. Во еден таков вакуум-простор кога се напушта традиционалниот модел на родителство, а сè уште нема јасни насоки како да се биде компетентен и одговорен родител, родителството стана крајно отежнато и збунувачко.
Сосема ве разбирам вас и вашата состојба на нерасположение и загриженост. Она што денес трендовски се нарекува хеликоптер-баби и дедовци е токму состојбата што вие ја опишавте. Преголема грижа и наклонетост кон внуците со преголеми очекувања од нив. Во одредена мера помошта од бабите и дедовците е добредојдена, особено во постпородилниот период кога мајката е многу пораздразлива и емотивна, а постепено таквата помош треба да се намалува и повлекува за да се остави простор родителите да ја играат главната родителска улога. Доколку мајката веднаш по породувањето се чувствува добро и хармонично, би било пожелно што повеќе да се вклучува во тој родителски процес бидејќи секако дека таа е најважниот човек за доенчето со кого тоа ја гради и создава приврзаноста, но и го обезбедува чувството на сигурност. Зборувајте јасно и гласно за своите родителски потреби, барајте да разберат колку ви е тоа важно вам. Изразете го она што не ви се допаѓа, но и уважете ја помошта од вашата свекрва, кажете ѝ дека ви е драго што ја имате покрај себе и дека ја цените нејзината помош.
Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912