Сурогат мајка од Канада зборувала за своето искуство и открила што бил најтешкиот дел од носењето дете за други – тоа не е моментот кога им го предавате бебето на родителите, вели таа.
Дон Викхорст, 33-годишна фотографка и мајка на пет деца, одлучила да стане сурогат мајка во 2019 година, откако сфатила колку многу парови се борат со неплодност.
Дон била сурогат мајка за два пара и го опишала целото искуство како нешто што ѝ дало силно чувство на цел и предизвикало да се чувствува „исполнета“.
Зошто го избрала сурогат мајчинството?
Иако бременоста не ѝ е непозната состојба, Дон признала дека не било лесно. Заедно со грижата за пет деца, таа морала да се справи и со вообичаените проблеми со бременоста – гадење, замор, болки во грбот.
-Решив да станам сурогат мајка кога сфатив колку многу луѓе се борат со неплодност – рече таа.
Таа вели дека само тогаш ја сфатила сопствената среќа кога сопствените бремености поминуваат добро и веќе имате семејство.
-Не сфатив ни колку сум среќна што имам пет деца и што сите мои бремености поминаа толку добро. Едноставно чувствував дека моето тело може да направи нешто добро за некого – рекла таа.
Таа се осврнала и на честата реакција од оние околу неа – реченица за која вели дека ја слушнала безброј пати: „Никогаш не би можела да го направам тоа, не би можела да се откажам од дете“. Но, Дон нагласува дека сурогат мајчинството се склучува со јасни граници и договор.
-Многумина велат дека никогаш не би можеле да го направат тоа затоа што не би можеле да се „откажат“ од дете, но влегувате во тој процес целосно свесни дека нема да си одите со бебето – објаснила таа.
„Предавањето на бебето не беше најтешкиот дел“
Таа го опишала моментот кога го предавате детето на родителите како емотивен, но и прекрасен – особено кога ќе видите колку тоа им значи. Но, она што најмногу ја погодило, вели таа, дошло пред и по раѓањето.
Најтешкиот дел – осаменоста
Дон тврди дека вистинскиот проблем бил чувството на осаменост.
-Најтешкиот дел всушност беше осаменоста, имаше моменти кога се чувствував целосно невидлива – рекла таа.
Таа се присетила на моменти што никогаш не се појавуваат на „среќните“ фотографии по породувањето: седење сама во чекалници, справување со интензивни емоции во тишина, а потоа враќање дома на своите одговорности како самохрана мајка – речиси без време дури ни да сфати и да процесира низ што поминала. Таа додала дека постои неизговорено очекување оти сурогат мајките „сè прават тивко“ бидејќи тие самите го избрале тој пат, па се претпоставува дека нема да се жалат.

Што се случува по сето ова?
Во Канада, плаќањето на сурогат мајките е нелегално, па Дон не добила никаква финансиска компензација во текот на целиот процес. Иако предавањето на бебето не ѝ било тешко, таа признава дека има специфична празнина – нешто како период на тагување.
-Целиот мој живот се вртеше околу раѓањето на дете за овој пар, а потоа одеднаш сè заврши – рекла таа.
Сепак, таа не се кае што двапати била сурогат мајка. Но, верува дека има едно нешто за кое не се зборува доволно: потребата од систематска поддршка за жените што минуваат низ процесот.
-Мислам дека би било одлично ако имаше повеќе услуги за сурогати, како групи за поддршка, за да не се чувствуваат толку осамени – заклучила таа.