Ова е книга за сите деца, но најмногу за оние различните. За децата што имаат големи, необични соништа. За децата што мечтаат да бидат прифатени, сакани. За децата што веруваат во невозможното. За децата што секојдневно се борат со предрасуди, со булинг, со негативни мисли, ни сподели Коста Петров

Првата сликовница на Коста Петров, „ЈАС и ТИ: Како ЈАС стана суперхерој“, ќе им покаже на децата како да станат суперхерои, всушност, ќе им покаже дека суперхеројот живее во секој од нив.
Промоцијата на сликовницата е закажана за вечерва, во 19 часот, во Филхармонија кафе-бар. На илустрациите се потпишува илустраторката Љупка Стојкова, а ја издава Издавачки центар ТРИ.

Коста Петров е интернационално докажан претприемач, автор и мотивациски говорник. Тој е основач на „Пи ворлд“, водечка креативна агенција со канцеларии во Скопје и Монтреал. Агенцијата е организатор на некои од најголемите светски бизнис-настани во 40 земји низ светот и редовно соработува со најголемите глобални брендови. За својата работа и придонес во индустријата, тој двапати беше избран за еден од највлијателните луѓе во индустријата за настани од страна на „Конгрес магазин“.
Коста е автор на пет книги со над 50.000 продадени примероци и е еден од најпродаваните македонски автори во последните десет години.

„ЈАС и ТИ: Како ЈАС стана суперхерој“… како настана идејата за адаптација на „Сè што би сакал да знаев порано“ во сликовница? Како се наметна потребата да ја преточите книгата во сликовница?

– Отсекогаш сакав да напишам детска сликовница, но моите мисли секогаш биле прекомплицирани, а за добра детска сликовница треба да имаш јасна и чиста мисла. Земајќи предвид дека темата на „Сè што би сакал да знаев порано“ е околу разговорот со детето во мене и товарот што го носи, некако природно се роди и инспирацијата за детската сликовница. Размислував неколку месеци и едно утро се разбудив во 4 часот и ја напишав за 20 минути. Сликовницата е за сите работи што би сакал некој да ми ги кажеше кога бев дете.

Со кои зборови би ја опишале сликовницата?

Пораката е многу едноставна. Суперхеројот живее во сите нас, само треба да го слушнеме неговиот глас. Во нашите глави постојат негативен глас, кој најчесто преовладува, и тивок, позитивен глас, кој нѐ бодри кога ни е тешко, кој ни дава среќа кога сме тажни. Токму тој глас е нашиот суперхерој. Токму тој суперхерој ќе нѐ однесе на најубавата животна авантура и ќе ни помогне да го живееме животот до максимум. Кога ќе го пронајдеме суперхеројот во нас, тогаш почнуваме вистински да живееме.

За кои деца ја посветувате сликовницата? Кои деца би сакале да ја прочитаат, да се инспирираат?

– Ова е книга за сите деца, но најмногу за оние различните. За децата што имаат големи, необични соништа. За децата што мечтаат да бидат прифатени, сакани. За децата што веруваат во невозможното. За децата што секојдневно се борат со предрасуди, со булинг, со негативни мисли. Кои мечтаат да бидат како другите, а имаат толку многу уникатност во себе. Сѐ што треба да направат е да веруваат дека имаат апсолутно сѐ што им е потребно за да бидат среќни.

Какво дете бевте Вие? Какво детство паметите?

– Моето детство го делам на она од сликите и она во главата. Кога ги гледам сликите, сфаќам дека сум имал многу убаво детство. Супер детство. Живеев во Гостивар, имав другарчиња од сите националности и зборував турски, албански. Организиравме приредби во двор. Прекрасно беше. Но постои и она друго детство, кое постои само во мојата глава. Детство во кое има и болка и тага, и детство кое како никогаш да не завршило. Многу од размислувања од моето детство ги носев како товар овие 39 години. Мислев дека некои верувања се мои, но не биле. Имав чувство како детето во мене да се бори за глас, а никој не сака да го чуе. Ми требаше долго време да седнам и да разговарам со детето во себе. Да го исфрлиме товарот што со години сме го носеле и конечно да почнеме да живееме.

Од сегашна перспектива, што би сакале да знаевте кога бевте дете, кои лекции, животни поуки би Ви го олесниле детството, би Ви го направиле порадосно, побезгрижно…

– Би сакал да знаев дека сум сакан. Дека знаев да сакам. Би сакал да знаев дека мислењата на другите не треба да го дефинираат моето постоење. Би сакал да знаев дека ќе успеам во животот. Но сакам и да уживав. Убаво е да се сонува, но поубаво е да се живее, сега во овој миг.

Главната порака на сликовницата е „суперхеројот живее во сите нас и секој од нас има моќ да биде суперхерој“… Каква супермоќ сакате да разбудите кај децата, да бидат похрабри, посилни, поумни… Што им порачувате на децата, што им посакувате?

– Им посакувам најпрвин да ја прифатат сопствената уникатност. Да ја прифатат својата различност. Да сфатат дека среќата е насекаде околу нас. Тоа не е нешто што постои надвор од нас. И сакам да знаат дека иако некои работи болат, и болката е нормална. Тоа е нормална емоција како среќата и радоста. Всушност, и во самата сликовница пишувам – суперхеројот има моќ да ги почувствува сите чувства.

Фото: приватна архива



912

X