Суперхерој живее во секој од нас, само ни треба храброст да ја облечеме наметката

Не ни требаат суперсили за да бидеме нечии суперхерои, а доказ за тоа е Оливер Петрески, кој заедно со неговите колеги алпинисти им приреди едно суперслатко изненадување на децата сместени на Детската клиника во Скопје.

Качувајќи се со јажиња по фасадата на Детската клиника, облечени во костими на Дедо Мраз и суперхероите Спејдермен, Бетмен, намамија насмевки кај дечињата и ги израдуваа со подароци.

Дека малку треба за да усреќиш некој покажува токму овој хуман гест на Оливер и неговите суперколеги.

Со големите потези доаѓаат големи одговорности, во овој случај тие успеаја да одговорат на најсилниот предизвик, да усреќат детски срца.

– Веќе по четврти пат на овој начин ги изненадуваме децата. Еднаш бевме облечени во Дедо Мраз, трипати во костими на суперхерои и овој пат направиме комбинација. Облечени и во костими на Дедо Мраз и на Бетмен, Спајдермен, вчера се качивме по фасадата на Детска клиника до терасите на собите на дечињата и им подаривме малку среќа и многу подароци. Немам ниту точна бројка колку подароци подаривме. Ги носевме во ранците на грб и ги качивме со јаже, па им ги поделивме. Ова е наша идеја, самоиницијатива на тимот за спасување на планина на Црвен крст на град Скопје – ни сподели Оливер.

Тој и неговиот тим имаат инстаграм-профил spibat0 на кој може да ги контактираат и да приредат изненадување за сите вљубеници во суперхероите. Досега имале ангажмани за родендени, приватни забави, секаде каде што ќе им пуштат „пајажина“.

Суперхероите не ги кријат своите ликови и личности зад маските и костимите, туку маските ги дефинираат кои се. А Оливер Петрески дефинитивно е еден од реалните суперхерои.

Фото: приватна архива



912

X