Вистина е дека како што изминуваат годините, забременувањето е сѐ потешко. Тоа е така затоа што жените се раѓаат со фиксен број на јајце-клетки кои се намалуваат како што тие стареат. Покрај тоа, бременоста по 35-годишна возраст доаѓа со дополнителни ризици од компликации, како што се хипертензија, дијабетес или хромозомски абнормалности кај новороденчињата.
Поради овие причини, на жените често им се советува да забременат порано за да се избегнат потенцијалните негативни последици. Сепак, новите студии покажуваат дека бременоста подоцна во животот има и свои предности, а една од нив е тоа што постарите мајки подобро ги воспитуваат своите деца.
Истражувањето спроведено на Факултетот за бизнис и општествени науки при Универзитетот „Архус“ во Данска покажало дека децата чии мајки се породиле на возраст од 35 или повеќе години имаат одредени предности.

Резултатите од гореспоменатото истражување откриле дека постарите мајки не биле толку строги во однос на наметнувањето физичка и вербална дисциплина на своите деца кога биле на возраст меѓу 7 и 11 години. Како резултат на тоа, децата од оваа возрасна група покажале помалку проблеми во однесувањето и помалку социјални и емоционални проблеми.