Здравје

Последиците од викањето на децата се штетни колку и сексуалното или физичкото малтретирање

Родителите, наставниците, тренерите и другите возрасни што им викаат, ги омаловажуваат или вербално им се закануваат на децата може да им предизвикаат исто толку голема штета врз нивниот развој како и сексуалното или физичкото малтретирање, открива ново истражување.

Студијата, објавена во списанието „Child Abuse & Neglect“, разгледала 166 претходни студии за да направи детална анализа на постојната литература на оваа тема. Авторите повикале на вербалната злоупотреба во детството да ѝ се припише сопствена категорија на малтретирање, за да се олесни превенцијата.

Малтретирањето на децата моментално е класифицирано во четири категории – физичка злоупотреба, сексуална злоупотреба, емоционална злоупотреба (од која вербалната злоупотреба е дел) и занемарување – и оваа студија може да информира за стратегиите за превенција и третман.

За разлика од другите форми на емоционална злоупотреба, вклучително и рамнодушноста, таканаречениот тивок третман и сведочењето на семејно насилство, истражувачите ја категоризирале вербалната злоупотреба како „поочигледна“ и велат дека тоа „бара посебно внимание“.

Нарачана од „Words Matter“ – британска добротворна организација која има цел да го подобри здравјето на децата со ставање крај на вербалната злоупотреба – студијата била спроведена од истражувачи од Универзитетот „Вингејт“ во Северна Каролина и Универзитетскиот колеџ во Лондон.

„Вербалната злоупотреба во детството очајно треба да се признае како поттип на злоупотреба поради доживотните негативни последици“, рече професорката Шанта Дубе, водечки автор на студијата и директор на Програмата за магистерски студии за јавно здравје на Универзитетот „Вингејт“.

Студијата, која го проучува влијанието на викањето од страна на возрасните, како што се родителите, наставниците и тренерите, цитира неколку трудови кои сугерираат дека трајните ефекти од вербалната злоупотреба во детството може да се манифестираат како ментална вознемиреност, како што се депресија и гнев; екстернализирање на симптомите, како што се извршување злосторства, употреба на супстанции или злоупотреба; и физички здравствени исходи, како што се развој на дебелина или болест на белите дробови.

Џесика Бонди, основач на „Words Matter“, ја истакнала важноста да се сфати вистинската скала и влијанието на вербалната злоупотреба во детството.

„Сите возрасни понекогаш се преоптоваруваат и ненамерно кажуваат одредени работи. Мораме да работиме колективно за да смислиме начини да ги препознаеме овие дејства и да ѝ ставиме крај на вербалната злоупотреба во детството од страна на возрасните, за да можат децата да се развиваат – вели таа.

Оваа најнова студија покажала дека може да се случи потенцијално значајна „промена во злоупотребата во детството“ бидејќи преваленцата на емоционалната злоупотреба во детството се зголемила, додека физичката и сексуалната злоупотреба се намалиле, според Светската здравствена организација и четири други трудови цитирани во новата студија.

Истражувачите повикале на „потреба од конзистентност“ во дефинирањето на вербалната злоупотреба во детството, така што нејзината преваленца и влијание да може соодветно да се измерат и да се развијат интервенции.

Ресурсите достапни на веб-страницата „Words Matter“ ги охрабруваат возрасните да избегнуваат викање, навреди, потценување или врескање кога разговараат со деца, како и да размислуваат пред да зборуваат и да одвојат време за да ја поправат врската со детето откако ќе му се каже нешто навредливо.

Слично на тоа, првото правило на викањето е да се воздржите од критика додека го правите тоа – рекла во својата изјава за Си-ен-Ен во 2019 година Елизабет Гершоф, професор по човечки развој и семејни науки на Универзитетот „Тексас“ и истражувач за родителска дисциплина.

„Ова го велам сметајќи дека публиката е исто така важна“, додала таа. Малите деца веројатно само ќе ја апсорбираат фрустрацијата, а не и суштината на викањето, додека некои деца различно реагираат на самото викање.

Автор: Иси Роналд

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top