Истражувањето покажало дека младите луѓе што гледале или слушале реклами за производи богати со заситени масти, шеќер и сол консумирале во просек 130 дополнителни калории, што е еквивалентно на две кришки леб. Во студијата учествувале 240 деца на возраст од 7 до 15 години од Англија. Децата двапати гледале или слушале петминутни реклами за нездрава храна, а потоа гледале реклами кои не биле поврзани со храна. Потоа, на децата им биле понудени закуски како грозје или чоколадни топчиња, а подоцна им бил послужен ручек со разновидна солена, слатка и здрава храна.
Авторите на студијата пресметале дека по гледањето реклами за нездрава храна, децата консумирале 58 калории повеќе за ужина и 73 калории повеќе за време на ручек, отколку по гледањето реклами кои не се за храна.
Оваа студија, која ќе биде презентирана на Европскиот конгрес за дебелина во Малага, Шпанија, исто така покажала дека влијанието врз внесот на калории е исто, без оглед на тоа дали рекламите биле за специфични производи или генерички реклами за брза храна. Исто така, видот на рекламата, без разлика дали станува збор за видеореклама со звук, објави на социјалните мрежи, реклами во поткасти или билборди на улиците, немало никакво влијание врз резултатите.
-Ова е прва студија што покажува дека рекламирањето на храна само по себе влијае врз навиките за јадење кај децата. Исто така, покажавме дека децата не само што јаделе повеќе веднаш откако виделе реклами за храна, туку всушност консумирале повеќе за време на оброците неколку часа подоцна. Храната што им ја сервиравме не беше иста како онаа што беше прикажана во рекламите и беше презентирана без никакви информации за брендовите. Значи, не дека децата сакаа да го купат тој конкретен производ или да одат по брза храна, туку само беа охрабрени да јадат што им е достапно – изјавила Ема Бојленд, главен автор на студијата и професор по маркетинг на храна и здравје на децата на Универзитетот во Ливерпул.
-Оваа студија мора да испрати јасна порака до оние што носат одлуки: рекламите за храна предизвикуваат прекумерен внес на калории кај децата. Од октомври, новите ограничувања ќе ги намалат рекламите за нездрава храна на телевизија пред 21 часот, а онлајн рекламите ќе бидат забранети во секое време, што е клучен чекор за заштита на децата од најлошото. Но, сè уште има дупки во законот. Брендовите ќе можат да се рекламираат без да прикажуваат специфични производи, на билборди и на автобуски станици, а децата со прекумерна тежина или дебелина се особено ранливи – изјавила Катарин Џенер, директорка на Алијансата за дебелината.

-Дебелината кај децата останува висока, при што децата од најсиромашните области се соочуваат со двојно повисоки стапки од нивните врсници. Педијатрите признаваат дека справувањето со овој проблем е невозможно без воведување на потребните мерки, како што е регулирањето на прехранбената индустрија – изјавила Д-р Хелен Стјуарт, експерт за подобрување на здравјето на Кралскиот колеџ за педијатрија и здравје на децата.
-Оваа влада презеде смел чекор за справување со рекламирањето на нездравата храна насочено кон децата на телевизија и онлајн, што ќе го намали бројот на деца што живеат со дебелина за 20.000 и ќе донесе здравствени придобивки од 2 милијарди фунти за економијата. Апелираме до индустријата да се фокусира на поздрави опции, со тоа што ќе им дозволи на компаниите да рекламираат поздрави алтернативи во признати категории – истакнал портпаролот на Министерството за здравство и социјална грижа на Англија.