Познато е дека стресот за време на бременоста влијае врз здравствените исходи, но новата студија од истражувачите на „Мас Џенерал Бригам“ сугерира дека нивото на стрес пред бременоста е исто така важно да се процени.

Истражувачите од Општата болница и одделот за женско здравје во Масачусетс ја анализирале врската помеѓу стресот кој сами го пријавиле жените, непосредно пред зачнувањето, а кои биле подложени на третман за плодност и го испитувале нивото на гликоза во крвта – маркер за здравјето на срцето.

Тимот открил дека стресот на мајката во периодот пред зачнувањето е поврзан со повисоки нивоа на гликоза во крвта, особено кај жените што користат интраутерина инсеминација за зачнување и жените со повисок социо-економски статус.

„Преваленцијата на стресот се зголемува со текот на годините, особено кај паровите кои не се во можност да забременат по природен пат“, вели д-р Лидија Мингуез-Аларкон, репродуктивен епидемиолог и истражувач во студијата за животна средина и репродуктивно здравје. „Сакавме да процениме како овој стрес влијае врз здравјето за време на бременоста, што може долгорочно да влијае и врз мајката и детето“.

Мингуез-Аларкон и колегите ги анализирале податоците од студијата која била спроведена во Центарот за плодност при Општата болница во Масачусетс, од 2004 до 2019 година, за 398 жени на возраст меѓу 18 и 45 години. Жените сами го пријавиле стресот што го воочиле пред зачнувањето.

Дополнителни клинички карактеристики и социодемографски информации, вклучително семејната и медицинска историја, употребата на производи за широка потрошувачка и историјата на пушење цигари, биле собрани преку медицинска евиденција или прашалници.

Жените имале средна возраст од 35 години при влегувањето во студијата, а повеќето биле од бело етничко потекло (83%), пријавиле дека никогаш не пушеле (78%) и биле најмалку образовани со факултет (64%). Триста од жените зачнале со помош на медицински потпомогнати технологии како интраутерина инсеминација (ИУИ) или ин витро оплодување (ИВФ).

За време на ИУИ, спермата се инјектира директно во матката, додека ИВФ е технологија од повеќе чекори, која вклучува праќање на јајце- клетка за оплодување во лабораторија, пред да се пренесе назад во матката. Тестирањето на гликоза било направено во просек од 26 недели од бременоста и се зема откако жените ќе испијат 50 грама раствор на гликоза. Шеќерот во крвта кој бил еднаков или помал од 140 мг/дл се сметал за нормален.

Истражувачите откриле дека нивото на шеќер во крвта, мерило за кардиоваскуларното здравје, било абнормално високо кај 82 од вклучените жени. Претходните студии покажале дека жените со историја на гестациски дијабетес (ГД) за време на бременоста се изложени на зголемен ризик од развој на дијабетес тип 2, како и кардиоваскуларни проблеми подоцна во животот, вклучително и калцификација на срцевата артерија.

Тимот открил дека жените што доживеале поголем стрес пред зачнувањето имале повисоки просечни нивоа на гликоза. Покрај тоа, жените што зачнале преку ИУИ имале и повисоки нивоа на стрес и шеќер во крвта од оние што зачнале преку ИВФ. Студијата, исто така, покажала дека жените со повисок социо-економски статус имале повисоки нивоа на стрес пред зачнувањето и нивоа на гликоза во крвта за време на нивната бременост. Просечниот семеен приход бил искористен за мерење на социо-економскиот статус.

„Професионалните жени со повисоки примања и постигнати нивоа на образование може да бидат вработени на тешки, временски интензивни работни места и честопати се одговорни за балансирање на барањата на работното место со домашните обврски и грижата за децата“, вели Мингез-Аларкон.

„Претходно беше докажано дека жените со високо образование доживуваат поголемо ниво на стрес на работа. Со оглед на тоа што нивото на образование е поврзано со платата, можно е ова објаснување да важи и за жените со повисоки примања“.

Сепак, наодите се ограничени бидејќи студијата опфаќа група претежно бели жени со висок социо-економски статус, кои бараат здравствена грижа за плодноста. Самопријавувањето на воочениот стрес, исто така, може да резултира со пристрасност на учесниците. Идните истражувања можат да анализираат дополнителни варијабли, како што се квалитетот на спиењето или безбедноста во соседството и околината, како и ефектот на стресот пред зачнувањето врз здравјето на бебето.

„Нашите резултати се од значење за јавното здравје со оглед на зголемените стапки на стрес со текот на годините и неговиот ефект врз кардиоваскуларното здравје“, вели Мингуез-Аларкон.

„Жените може да се обидат да го намалат нивото на стрес преку различни стратегии, како што е физичката активност, избегнувањето алкохол и дрога, здравата исхрана и избегнувањето изолација. Со оглед на оскудната литература во оваа област, нашата студија има потенцијал да започне важни дискусии“, заклучува Мингуез-Аларкон.

Извор



912

X