Игротека

Стравот од училиште се јавува кај деца од сите возрасти – како да му се помогне на ученикот?

Стравот од училиште е многу почест проблем отколку што изгледа и не се однесува само на најмалите ученици. Многу родители признаваат дека имаат дете со кое мораат да „преговараат“ за одење на училиште.

„Не сакам да одам на училиште!“ – реченица што ја изговараат сè повеќе деца, а истражувањата покажуваат дека зад неа често стои длабок проблем – анксиозност предизвикана од училиштето.

Кај децата од пониските одделенија најчесто станува збор за примарна сепарациска анксиозност, односно страв од одвојување од родителите. Кај постарите ученици, пак, се јавува страв од критика, трема пред одговарање, страв од исмејување или сомнеж во сопствените способности. Некои се плашат дека ќе го повторат одделението или дека нема да се запишат во средното училиште каде што сакаат да се запишат. Особено чувствителен период е преминот во шесто одделение, кога се појавува страв од преголемото количество на нов материјал, многу предмети и непознати наставници, особено оние за кои децата слушнале дека се строги. Слично се случува и при упис во средно училиште, особено ако тоа подразбира заминување во друг град, кога повторно се активира стравот од одвојување.

Страв од одвојување

Истражувањата укажуваат дека стравот од одвојување е почест кај деца што доживеале траума, како развод на родителите или загуба на блиска личност. Дополнителен фактор е и однесувањето на самите родители – доколку тие чувствуваат страв и анксиозност во врска со училиштето, детето многу лесно го презема истиот модел на однесување. Често овој вид страв се манифестира и преку телесни симптоми како главоболка, болки во стомакот, мачнина, забрзано чукање на срцето, напнатост во мускулите, проблеми со спиењето или замор. Интересно е што симптомите најчесто исчезнуваат за време на викендите и училишните распусти.

Причини за страв

Понекогаш стравот од училиштето произлегува од високите очекувања на родителите. Кога родителите, иако со најдобра намера, постојано му повторуваат на детето дека мора да биде најдобро, тоа може да предизвика страв од неуспех и од разочарување на семејството. Стравот се јавува и кај деца чии родители се претерано заштитнички настроени, како и кај оние што растат во семејства со разводи, конфликти или болест. Дополнителен фактор може да биде и врсничко насилство, како и чувството на изолираност во одделението.

Страв од одговарање

Еден специфичен облик е стравот од одговарање. Тој се јавува кај затворени и несигурни деца, пречувствителни на критика, кои имаат ниска самодоверба и слаби социјални вештини. Кога одговараат пред цело одделение, тие доживуваат блокада, бегаат од час, а иако се подготвени, добиваат слаби оценки. Така се продлабочува кругот на несигурност и страв. Во такви ситуации важно е родителите да го охрабрат детето да остане во предизвикувачката ситуација наместо да ја избегнува, бидејќи избегнувањето го засилува проблемот.

Како може да му се помогне на ученикот?

Најнапред е важно да се утврди причината за стравот. Родителите треба да покажат разбирање за чувствата на детето, да разговараат со него за она што го мачи и да го гледаат како личност, а не само како ученик. Темите за разговор не треба да бидат ограничени само на училиште. Кога детето ќе се врати дома, подобро е да се праша дали му се случило нешто интересно отколку веднаш да се инсистира на тоа како било на училиште. Секој труд треба да биде пофален, без оглед на резултатот, бидејќи учењето е за знаење, а не за оценки.

Без притисок

Ако детето не сака да оди на училиште или покажува симптоми на страв, важно е со трпение да се разговара со него и да се прифатат неговите чувства, дури и кога не изгледаат оправдани. Одењето кај училишниот психолог треба да се претстави како природна форма на помош, а не како казна. Во секој случај, пред детето не треба да се зборува негативно за училиштето, наставниците или активностите.

Со охрабрување, поддршка и намалување на очекувањата, детето постепено ќе научи да се соочува со стравот наместо да бега од него. Со тоа ќе ја зајакне својата самодоверба и ќе развие подобри социјални вештини.

Ако станува збор за потежок случај, педијатар или лекар може да упати на соодветна терапија за проблемот да се надмине на соодветен начин.

Извор

Поврзани написи

To top