Во светот на тинејџерите сè е поинаку. Тие се борат за својата независност, интегритет. Рушат правила и бунтовни се. Понекогаш многу малку фали за да се налутат и сето тоа да премине во многу посложени емоции како бес, гнев итн.
Предлагам неколку стратегии за тинејџерите што можат да ги користат кога ќе го почувствуваат чувството на лутина:

Физичка активност

Кога ќе ја почувствувате лутината, потребно е да ја именувате, т.е. препознаете „Многу сум лут“. Како се зголемува лутината, така се зголемува и адреналинот и енергијата во вашето тело. Искористете ја таа дополнителна енергија со тоа што ќе преземете некаква физичка активност. На пример: одење на прошетка или трчање, возење велосипед, танцување, скокање в место. Вклучувањето во поагресивни физички активности во тој момент на лутина, како што се бокс, борење или борачки вештини, може да го зголеми чувството на лутина доколку таа претходно не е препознаена, именувана, канализирана.

Модификување на лутината

Понекогаш е потребно само да ја преформулирате лутината во нешто попозитивно, па дури и некоја позитивна мисла. Наместо да се фокусирате на мислата „Многу сум лут бидејќи не можам да ја решам задачата“, подобро кажете си: „Можам да побарам помош наместо да се лутам или да се фрустрирам“. Во тој контекст потребно е да се користат позитивни афирмации, на пример: „Способен сум да го смирам моето тело.“

Дишење

Длабокото дишење е одличен начин да го смирите целото тело и да обезбедите доволно кислород до мозокот. Вдишувате низ нос, задржувате четири секунди и издишувате силно низ уста. Повторувајте го дишењето додека не почувствувате некаква промена во телото.

Викање во природа

По ситуацијата што ве налутила, обезбедете си време сами за себе. Повикајте родител или другар и одете на најблиското место во природа каде што можете да се осамите и да викате наглас. Обично на почеток имаме чувство како да имаме нешто во грлото и не можеме да викнеме, но ако земеме сила и пробаме неколку пати, викањето ќе го отвори говорниот апарат и ќе почувствувате леснотија.

Користете ги вашите раце

Стискањето нешто со рацете е одличен начин да си помогнете во справувањето на лутината. На пример, стискање антистресогени топчиња, стискање перница, да стуткате обичен лист хартија, да чкртате на еден голем лист. Исто така, вклучувањето и во тивка активност, како боење или цртање, е многу корисно. Во суштина, сè во што ги користиме нашите раце е одлична стратегија за справување која треба да користите кога сте лути.

Важно: Тинејџерот не се однесува убаво кога не се чувствува убаво. Потребно е да ги поткрепиме со разни вештини кои ќе ги направат посмирени, но и посамоуверени наспроти незнаењето кое предизвикува чувство на немоќ.



912

X