Воспитување

Стратегии за развивање просторна ориентација кај децата

Просторната ориентација претставува способност на детето да се снаоѓа во просторот, да ги разбира насоките и релациите меѓу предметите и сопственото тело. Оваа вештина е основна за секојдневното функционирање бидејќи овозможува детето да се движи безбедно, да ја организира својата околина и да учествува во училишните активности. Особено кај децата со интелектуална попреченост, просторната ориентација не се развива автоматски, туку бара систематска и континуирана работа, заснована на практични стратегии кои овозможуваат постепено усвојување на поимите за простор и насоки. Развивањето на просторната ориентација започнува од телесната свест. Детето најпрво мора да го препознае своето тело и да ја разбере релацијата на деловите на телото меѓу себе. Игри и вежби како „покажи ја левата или десната рака“ или активности со огледало каде што детето ги именува деловите од телото, го поттикнуваат развојот на таканаречената телесна шема. Вежбите со музика, при кои детето ги крева рацете или нозете според дадена команда, исто така, ја поттикнуваат свеста за сопственото тело во просторот. Ова е темел за понатамошно развивање на поапстрактните поими за ориентација во поширок простор.

Следниот чекор во развојот е користење визуелни и тактилни средства, кои го олеснуваат усвојувањето на апстрактните концепти како лево, десно, горе или долу. Боите и симболите се исклучително корисни, на пример, црвено за лево и сино за десно, што детето го води додека извршува активности. Поставувањето налепници на рацете или на чевлите, или користење предмети со различни текстури, му помага на детето полесно да ги разбере и идентификува насоките. Таквите визуелни средства се од особено значење за деца со интелектуална попреченост бидејќи им нудат конкретна точка на ориентација во место каде што апстрактниот поим сам по себе би бил тешко разбирлив.

Практичните игри со релации и насоки се важен дел од развојот на просторната ориентација. Децата учат преку активности како „постави ја топката под стол“ или „фрли ја топката нагоре, надолу, лево или десно“  и им овозможуваат да ја вежбаат визуомоторната координација и да разберат релации во просторот. Игрите во кои детето следи зададени насоки, на пример, „оди два чекора напред, сврти се налево“, им помагаат да ја развијат концентрацијата и способноста да ги комбинираат информациите за насоките со движењето на своето тело. Пренесувањето на овие поими во секојдневието е клучно за нивната функционалност. Движењето во просторот со обележани патеки или стрелки на подот, како и активности со карти или мапи на просторијата, помагаат детето да развие практични стратегии за снаоѓање во просторот. Со помош на едноставни инструкции и визуелни симболи, детето постепено учи да ги следи насоките, да идентификува локации и да воспоставува релации помеѓу предметите. Модерните технологии, како дигитални апликации со насоки и интерактивни задачи, исто така, можат да бидат мотивациски алатки за вежбање на просторната ориентација, особено кај децата кои полесно реагираат на визуелни стимули.

Во практика, различни активности како „следи ги насоките“, „топка во простор“ или „стоп-движење“ се користат за развој на конкретни вештини. Тие не само што развиваат ориентација, туку и ги подобруваат самоконтролата, концентрацијата и визуомоторната координација. За родителите и наставниците, важно е да се знае дека развојот на просторната ориентација не се постигнува преку еден вид вежба, туку преку интеграција на активности во игра, учење и секојдневни ритуали. Позитивната мотивација, постојаната поддршка и адаптираните визуелни помагала се клучни за успех. Кога се применува правилно, овој пристап овозможува детето постепено да стане посамостојно, да се движи безбедно и да се вклучи поактивно во училишните и социјалните активности.

Автор: Дејан Филиповски, специјален едукатор и рехабилитатор

Поврзани написи

To top