Здравје

Страбизмот кај децата се оперира тогаш кога ќе се исцрпат сите нехируршки можности

Се проценува дека 3 до 4 отсто од популацијата имаат страбизам, односно нарушување на положбата на очното јаболко и нарушување на функцијата вид, при што не е можно двете видни линии истовремено да се насочат кон точката во која се гледа (која се фиксира). Многу често причината за нарушувањето не е позната, па секој повремен, а посебно константен страбизам по шестиот месец од животот бара преглед.

Врска помеѓу слабовидост и страбизам

Стабологот и детски офталмолог Милорад В. Љутица, за порталот „еКлиника“ вели дека страбизмот се јавува почесто во семејствата во кои веќе постои страбизам, како и кај предвремено родените деца. Исто така, компликациите на породувањето чиј резултат се интракранијални крвавења (крвавења во мозокот и околу него) речиси во сите ситуации за последица имаат и страбизам. Меѓутоа, тој нагласува дека секое „шетање“ на очите не носи секогаш со себе сериозна болест на окото.

„Во најголем број случаи е присутна функционална слабовидост и слаб капацитет за соработка меѓу очите. Ретко страбизмот е последица од вродена катаратка или некоја сериозна органска причина. Иако тоа се поретки ситуации, тие носат многу потешки последици за видот и за положбата на очите отколку во случајот кога е тоа последица на функционална слабовидост (на пример, страбизам или слабовидост како последица на разликите во диоптријата). Секој страбизам бара преглед, како и повремениот страбизам по 6. месец од животот – напоменува детскиот офталмолог д-р Љутица и додава дека слабовидноста и страбизмот, кои во основа имаат органски предизвикувач (вродена катаракта, неразвиеност на очниот нерв или жолти дамки), имаат значително полоша прогноза.

Дијагностика и типови страбизам

Прегледот кај детскиот офталмолог дава увид во состојбата на видните патишта, постоење на страбизмот, диоптрискиот статус и статусот на очното дно, а д-р Љутица вели дека од наведеното може да се извлече јасна претпоставка за видниот капацитет и бинокуларен статус. Кај децата се разликуваат неколку видови страбизам:

-Конкомитантен страбизам – случај кога вртењето е еднакво во сите насоки на погледот, сите очни мускули се во нормална функција, а присутно е само нарушување на положбата на очите. Раздвиженоста на окото е нормална, а овој тип може да биде вроден или да настане во раното детство, до третата година од животот на детето.
-Паралитички страбизам – ако заостанува во насока на мускулот кој е парализиран, интензитетот и големината на вртење на окото се менуваат, аголот е поголем во насока на дејствување на парализираниот мускул и при фиксација на болното око.

А според положбата на окото се разликуваат:

-Конвергентен страбизам – езотропија (едното око се врти кон носот).
-Дивергентен страбизам – егзотропија (вртењето на окото се насочува кон надвор).

Дали е можно да се поправи состојбата со фластери, вежби, помагаат ли очилата со диоптрија?

Појаснувајќи ги типовите страбизам, д-р Љутица вели дека најчесто е присутна акомодативната езотропија, односно страбизмот кога окото „се врти“ кон носот при обид да ја надомести далекувидноста која ја има. Потврдува и дека надоместот на диоптријата со очила доведува до поправање на положбата на очите, а дека одредувањето на диоптријата која овозможува максимален вид и што подобра положба за очите – е основен принцип на лекувањето. „Терапијата со затворање со фластери најчесто се користи за лекување слабовидност. Го затвораме доминантното око за да го поправиме видот на слабовидното око, а многу често е потребна и корекција со очила во истиот момент. Во одредени ситуации затворањето со фластери го користиме и како терапија која ја намалува можноста за декомпензација кај одредените типови страбизам (на пример, кај повремено вртење на очите кон надвор) – објаснува д-р Љутица.

Вежбите, односно ортоптичкиот третман има своја употреба кај страбизмот кога очите имаат тенденција на вртење кон надвор, при фиксирање на предметот на близина, додека на далечина заземаат добра положба. Очилата со призми, според негови зборови, исто така имаат свое место во нехируршката терапија за страбизам претходно, а често и по оперативното лекување.

Оперативно лекување на страбизмот


Оперативното лекување се практикува кога ќе се исцрпат сите можности за нехируршкото лекување, а понекогаш тоа е веќе во текот на втората година од животот. „Операциите за страбизам подразбираат слабеење или јакнење на мускулите. При слабеењето прво му се приоѓа на мускулот, а потоа се препарира и се поставуваат рефикциски конци на него. Следен чекор е да го отстраните од местото на природно прицврстување и повторно да го зашиете на очната белка. Колку милиметри од новиот прилог ќе движиме кон назад, зависи од големината на страбизмот. Зајакнување на силата на мускулите се врши со негово набирање или засекување на негов дел со повторно зашивање на местото на природната инсерција. Во поретки ситуации се прави транспозиција на мускулите“, објаснува д-р Љутица.

Важноста на навременото реагирање

Во овој случај е важно да се јавите на лекар колку што може порано бидејќи со тоа се и поголеми шансите, со совети на експерти, проблемот да се отстрани.

Автор: Маријана Рајиќ

Извор

Поврзани написи

To top