Поттикнувањето на детето редовно да ги мие забите понекогаш може да изгледа како вистинска борба – од солзи и протести до безброј изговори. Но, што ако таа секојдневна задача стане забавна активност на која детето се радува?

Зошто децата не сакаат да ги мијат забите?

Една од главните причини е недостигот на знаење – ако никој не им ја покажал правилната техника, тие едноставно не знаат како да го направат тоа правилно, објаснува стоматологот Џејмс Гулник.

Покрај тоа, тој истакнува дека на некои мали деца не им се допаѓа вкусот на пастата за заби, особено ментолот, кој може да биде „премногу силен“ за нив. Некои луѓе сметаат дека миењето заби е мачна задача, додека на други им пречи текстурата на четката за заби или чувството на непцата при миењето.

Што се случува ако децата не ги мијат забите?

-Неправилната орална хигиена може да предизвика лош здив, крвавење на непцата, па дури и расипување на забите. Остатоците од храна и бактериите создаваат наслојки што ја ослабуваат забната глеѓ и може да доведат до воспаление и болни проблеми со непцата – објаснува Гулник.

Како да го направите миењето заби забавно?

Миењето заби не мора да биде досадна работа – со малку креативност може да стане забавен ритуал на кој децата со нетрпение чекаат секој ден. Подолу се дадени неколку совети како да го направите миењето на забите позабавно за децата:

Оставете ги сами да си изберат четка и паста за заби

-Децата сакаат да прават избор, па нека изберат четка за заби со нивниот омилен лик или паста за заби со благ, овошен вкус – објаснува Гулник.

Користете тајмер

-Стоматолозите препорачуваат миењето на забите да трае две минути. Користењето тајмер може да им помогне на децата да се фокусираат на миењето и да не брзаат со работата – вели стоматологот д-р Смита Мехра.

Претворете го миењето во игра

Имајте натпревар – кој може најдолго да ги мие забите, кој најдобро може да се ослободи од „шеќерните чудовишта“, или пак децата нека се обидат да го победат времето од претходниот ден.

Мијте ги забите заедно

-Децата учат гледајќи ги возрасните. Ако видат дека редовно ги миете забите, поверојатно е дека ќе сакаат да ве имитираат – истакнува Гулник.

Кажете приказна

Гулник советува да измислите приказна за „лоши бактерии“ кои треба да се отстранат или да користите омилена играчка за да им се покаже како правилно да ги мијат забите.

Пуштете ја вашата омилена песна

-Свирењето на омилената песна може да го направи миењето заби позабавно – децата можат да ги мијат забите во ритам и да ја претворат бањата во подиум за танцување – истакнува Мехра.

Извор



912

X