Имате ли и вие стол чија цел е да го смири детето, да го натера да размисли, да се повлече или нешто слично? Колку често го применувате и дали има ефект врз однесувањето на детето? Дали детето е подобро откако ќе го примени столчето? Ако детето по некоја казна не станува подобро во однесувањето, значи дека казната не е соодветна. Менувајте ги постапките!
Неодамна сретнав една учесничка на моето предавање која ме праша што мислам за столчињата за казна. Имено, во градинката каде што оди нејзиното дете имаат столче на срамот, на кое седнуваш кога не се однесуваш според правилата.
Ниту едно дете не ја гледа позитивната страна на тоа столче
Вчера на „Инстаграм“ ставив анкета и прашалник дали родителите имаат столче на срамот, па излезе дека тоа е вообичаена метода во многу семејства. И сама во литературата на многу автори најдов ќоше за смирување, стол за размислување за она што си го направил и многу други називи, убави или помалку убави. Ако го прашате детето како го доживува тоа столче, ќе ви каже негативно – како казна. Ниту едно единствено дете не ја гледа позитивната страна на тоа столче. Еве неколку идеи преку кои можете да увидите како детето го доживува тоа столче.
– Една од причините зошто е негативно е тонот на гласот кој возрасните го употребуваат кога го праќаат детето на столчето. Најчесто е присутна лутината поради она што го направило, што детето го толкува како момент во кој возрасната личност не е задоволна со нешто. Уште не знае точно со што, но тоа не е добро. На столчето не размислува како да се поправи, туку за својата вина и за тоа дека е лоша личност и дека мора да биде подобра. Неодредено е. Нема целосна информација. Најчесто во таква ситуација децата ја префрлаат целата вина на себе без ни малку оправдување. Ги поврзуваат своите постапки со својот карактер, сметајќи се себеси за лоша личност, а не личност која погрешила во одредено однесување.
– Ако детето го испратите на столче без да му ја објасните причината зошто, тоа на столчето оди во незнаење и повторно го доживува како негативно, односно како казна бидејќи не избрало самото дете каде сака да оди и да се смири. Како вам некој да ви кажува каде морате да одите. Не каде што сакате, туку каде што морате, а можеби сакате да се фрлите на креветот и да плачете од мака, но мора да одите да седнете баш таму каде што сите гледаат во вас.
– Се наоѓа ли тоа столче некаде каде што сите те гледаат, па дури и оние што не знаат што си направил? Детето во тие случаи се чувствува засрамено и мизерно. Од почит кон возрасните сака да ја „одлежи“ казната, но не размислува за постапката, туку за својата вина и се срами од своето постоење пред другите. Детето послушник ќе ја издржи казната од почит кон возрасните, а своеглавото дете ќе размисли и ќе одбие да послуша бидејќи сфаќа дека тоа не е фер. Какво дете сакаме да одгледаме?
– Ако тоа столче е исто со столчето на кои детето јаде, тоа во главата ќе го поврзе столчето со храната и нема да сака да јаде или ќе биде немирно додека јаде.
Можеби треба да се воведат столчиња за прегрнување
– Од која причина детето не може само да избира каде ќе оди да се смири? Можеби можете да му кажете да избере место каде што ќе се смири и ќе размисли за постапките. Така нема да има фокус на едно место, туку на неколку. Некои деца сакаат да бидат сами и важно им е да се тргнат од погледите на сите, па ќе ја изберат бањата или креветот и ќе се покријат со ќебе преку главата. Некои деца сакаат галење, па ќе заплачат и ќе им треба прегратка. На некои деца им треба разговор и така ќе ги процесираат постапките. Се прашувам кој сака да се смирува на столче на кое мора да седи кога му е тешко и згора на тоа, сите да го гледаат?!
Можеби треба да се воведат столчиња за прегрнување, па сите да мора го прегрнуваат детето кога ќе го видат како седи на столчето. Тоа можеби би имало поголем ефект, бидејќи тогаш на детето му е потребна љубов, а не одземање на љубовта. Размислете за тоа! Секако, препорачувам со детето да се поразговара за она што го направило откако ќе се смири, бидејќи тоа уште не размислува земајќи ги предвид сите контексти на случката, туку само еден и тоа е најчесто поврзано за срамот и вината.
Срамот и вината се најниски емоции на скалата на емоции и одгледувањето дете во тие емоции, значи дека вашето дете ќе има ниска самодоверба, ќе се обвинува себеси во текот на животот, нема да биде креативно и нема да има идеи, туку ќе ги слуша другите.
Лицето кое е полно со срам и вина одгледува и воспитува такви деца. Ние го даваме она што го имаме. Затоа, побарајте љубов во себе и прво дајте му на детето љубов. Замислете се себеси во ситуација кога пред сите се чувствувате засрамено и виновно? Таквите лица никогаш не застануваат пред другите да држат говор или да се изложат во јавноста. Помали се од глувчиња и несигурни во себе. Сакате ли да одгледате несигурно дете?
Веројатно не ви е намерата така да биде, но секоја воспитна постапка што е заснована на срам и вина завршува со вакви последици. Таквата личност ќе мора да ги излекува тие последици. Или нема никогаш да го стори тоа. Или ќе побегне од вас и нема да може да ве погледне в очи. Ќе ве обвинува цел живот за тоа што е таква.
Не е поентата да се одгледува послушник кој ќе ја отслужи својата казна и ќе продолжи по истиот пат
Никој не би требало да се срами што постои! Секој од нас има право да постои таков каков што е – несовршено совршен. Избирајте ги постапките од љубов и воспитувајте со љубов, трпение и внимание. Тоа се чувствува и точно се знае кога тоа личноста го прави и од кои емоции. Од љубов никому ништо не му се замерува. И можете сега да кажете дека ви ги испраќате децата на столче од љубов, но резултатите во однесувањето на детето покажуваат нешто друго.
Што кога трпеливо, со љубов би ги објасниле постапките? Или во лутина сте рекле дека однесувањето на детето не е прифатливо, па ќе зборувате со него кога ќе се смири?
На секого од нас му е потребно време за смирување. Но, ако нас секојпат некој нѐ праќа на исто место, тоа место ќе почнеме да го мразиме со текот на времето. Станува место кое е виновно што ние сме такви. Тука дури престанува личната одговорност, бидејќи повеќе не ја сфаќаме својата одговорност, туку столчето ни е виновно за тоа што ние на тој начин се однесуваме.
Поентата е да се воспитува одговорно дете кое ги знае одговорите на прашањето зошто така се однесува, а ние, возрасните, би требало да понудиме помош тоа да ги најде и да дојде до нив, ако не знае самото. Не е поентата да се одгледува послушник кој ќе ја отслужи својата казна и ќе продолжи по истиот пат, бидејќи нему секако му е виновно столчето, тетката во градинката или таму некој Марко што го турнал. Таквото дете ги нема вистинските одговори на прашањето зошто нешто направило, а за тоа служат возрасните, кои треба да му помогнат на детето да дојде до одговор, со цел да стане одговорно.
Автор: Анита Вадас