Иако помина подолг период откако е снимен филмот „Стела“, како и од неговата промоција, за него сѐ уште се зборува, сѐ уште е актуелен на фестивали, собира награди, има меѓународни претставувања

Долгометражниот детски филм „Стела“ е дел од официјалната селекција на 7. издание на Интернационалниот фестивал „Балкан панорама“ во Измир, Турција.
Филмот „Стела“, во кој главни ликови се Никола, кој го игра Петар Маниќ, и младата шарпланинка Стела, со уште осум филма, од кои некои се кратки, беше во селекција на детската програма „Теен арена“ на Сараевскиот филмски фестивал. „Стела“ беше избран заедно со уште неколку најдобри наслови да биде прикажан како продолжение од Сараевскиот филмски фестивал во Јајце, БиХ. Филмот доби највисока оцена од публиката на Брач филм фестивал.

Ова се само дел од достигнувањата на Петар Маниќ и шарпланинката Стела изминатиов период.
На Петар ова му е прво филмско искуство и вистинско остварување на неговиот сон.

„Стела“ предизвика позитивни промени

Петар заврши основно училиште во ООУ „Коцо Рацин“ и сега е прва година во средното училиште „Никола Карев“. Посветен е на новите обврски со училиштето, а слободното време му е исполнето со повеќе активности. Освен со актерство, сака пливање, свири на гитара, пее, но вели дека приоритет број еден му е училиштето.

– Иако помина подолг период откако е снимен филмот „Стела“ и неговата промоција, за него сѐ уште се зборува, сѐ уште е актуелен на фестивали, собира награди, има меѓународно претставување. Според мене, најголем квалитет на филмот е тимската работа, што можеби не се гледа на екранот и филмското платно, но без неа ништо немаше да биде како што излезе сега – вели Петар Маниќ.

Тој додава дека често добива позитивни критики од сите страни и смета дека „Стела“ ќе предизвика позитивни промени или ќе придонесе да почне да се зборува за проблемот со булингот во училиштето.

– Најмногу ме радува кога ќе слушнам дека откако обработивме една прилично силна и тешка тема за зборување, гледање и слушање, многу деца почнаа да зборуваат дека се соочуваат со истото што го доживува Никола во филмот и најсреќен сум кога публиката бара и дава решенија за што помалку деца да поминуваат низ истото – вели Петар.

Искуството со „Стела“ ќе ми помогне на разни кастинзи или полагања

Петар Маниќ изминатиов период доби голема промоција, а неговите амбиции не застануваат тука.

– Отсекогаш сум имал посебна љубов кон глумата, секогаш бев упорен и сѐ уште сум. Кога дознав дека ја добив улогата за ликот Никола, сфатив дека ова ќе биде голем успех и отскочна штица за мене. Успехот на филмот и искуството што го стекнав ќе ми помогне во иднина на разни полиња, кога ќе бидам на различни кастинзи или полагања. За во иднина сум сигурен дека ќе има доста предизвици за мене, не знам какви, не знам кога, но знам дека ќе бидат многу. Ќе бидам упорен и сакам да се остварам како актер затоа што во моментов не се гледам како ништо друго. Посакувам и ќе се трудам да има што повеќе проекти на кои ќе се посветам – вели тој.

Петар Маниќ, главниот лик во „Стела“ раскажува за глумењето со професионалци, снимањето во Галичник, Германија…

Долгометражниот игран филм „Стела“ е копродукција помеѓу македонската продукциска куќа „Дрим фектори“ (продуцент Огнен Антов), српската продукција „Акција продукција“ (продуцент Јована Караулиќ) и германската „Моуна“ (продуцент Никол Акерман).
Филмот раскажува приказна за едно куче, шарпланинка, едно дете и еден дедо. Откако Николa ќе проба да се самоубие поради булинг во училиштето, изгледа дека никој не може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствена која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Доволно ѝ е неговото постоење и среќна е во негова близина.

Фото: приватна архива



912

X