Дури и без официјални податоци, јасно е дека сè повеќе луѓе одлучуваат да не се реализираат како родители. Но, дали ова е причина за загриженост?
Доволно е само да погледнеме околу нас за да го забележиме овој тренд. Иако ова не се официјални статистики, сепак, ни даваат насока за размислување. Поради тоа, истражувачите од Шведска одлучиле да спроведат истражување на оваа тема, така што бројките ја потврдуваат претпоставката.
Истражувањето е спроведено на Универзитетот во Упсала, предводено од гинекологот Цериса Оберн. Резултатите покажаа дека секоја четврта жена или не е сигурна дали сака деца или воопшто не планира мајчинство. Ова откритие особено ги изненадило истражувачите бидејќи во 2014 година секоја десетта жена изјавила нешто слично.
Анкетата опфатила 596 жени што посетиле гинеколошка клиника во Упсала. Повеќето од нив биле студентки, со просечна возраст од 24 години. Во 2014 година 91 отсто од испитаничките изјавиле дека сакаат да имаат деца, додека најновото истражување покажува дека тој процент паднал на 75 отсто.

– Фактот што една од четири жени не сака или не е сигурна дали сака да има деца е многу значаен. Знаевме дека наталитетот опаѓа, но не бевме сигурни дали тоа е последица на проблеми со плодноста или нешто друго. Ова истражување укажува дека многу жени едноставно не сакаат да имаат деца. Причината може да биде несигурноста за иднината, бидејќи светот денес е помалку предвидлив од порано – вели Оберн.
Зошто жените не сакаат деца?
Истражувањето покажа дека жените што не сакаат да станат мајки имаат различни причини, кои може да се групираат во пет главни категории:
Не сакаат да имаат деца или да станат родители;
Не сакаат да пренесат генетска болест на детето;
Ја ценат својата слобода;
Причините се финансиски;
Загрижени се за пренаселеноста на планетата или неизвесната иднина;
Сега имаме подобра слика за тоа како жените размислуваат во врска со ова прашање. Овие информации се важни и за политичарите, за да можат да одговорат на причините поради кои жените одлучуваат да не станат мајки – истакна Оберн.
Парадокс – Не сакаат деца, но не користат заштита
Во истражувањето биле вклучени и прашања за сексуалните навики, вклучувајќи го користењето кондоми при првиот сексуален однос. Оваа статистика се следи на Универзитетот во Упсала уште од 1989 година, кога само 40 отсто од испитаничките рекле дека користеле кондом.
Во наредните години процентот на користење кондоми значително се зголемил, достигнувајќи 71 отсто во периодот од 1999 до 2014 година. Сепак, новите податоци покажуваат дека тој процент повторно опаѓа. Денес, само 60 отсто од жените користат кондом при првиот сексуален однос.