Некои од старите правила за воспитување на децата им помогнале да пораснат во поотпорни личности. Денес имаме многу повеќе информации отколку нашите родители или баби и дедовци, но тоа не значи дека знаеме сè. Напротив, за некои работи вреди да препишеме од нивното време, особено кога станува збор за воспитувањето.
Еве неколку стари правила што играле важна улога во развојот на отпорноста кај децата.
Децата играа надвор до вечерата
Наместо да седат пред телевизор или таблет по училиште, децата порано беа охрабрувани да бидат надвор до мрак. Поминуваа многу време на улица возејќи велосипеди, играјќи си во паркови или по дворови со врсниците од маалото.
Оваа навика не само што овозможува физичка активност, туку и гради самостојност бидејќи родителите не беа постојано со нив.
Од најмали години помагаа дома
Во минатото не се преговараше околу домашните обврски, туку се очекуваше децата да помагаат. Со тоа учеа што значат дисциплина и одговорност. Според професорката по клиничка педијатрија д-р Шели Вазири Флаис, вклучувањето на децата во домашни задачи им ја зајакнува самопочитта и им создава чувство на гордост кога ќе завршат нешто како што треба. Таа истакнува дека одржувањето на домот е заеднички труд.
Она што ќе го расипеа мораа да го поправат
Родителите ги учеа децата од мали да преземаат одговорност за своите постапки. Ако расипеа нешто, беа охрабрувани сами да го поправат или да најдат начин да го заменат. Така учеа самостојно да решаваат проблеми, особено кога самите ќе уништеа нешто.

Не може сите да бидат победници
Во животот не добиваме секогаш награда за трудот, и тоа е важна лекција што децата мора да ја научат рано. Разбирањето дека победата не е сè и дека некогаш не е ни можна, им помага да развијат посилна работна етика и емоционална стабилност. Иако денес ова е сè поретко, токму ваквиот пристап ги правеше децата поотпорни.
Сами ги решаваа своите проблеми
Порано родителите често им велеа на децата да се обидат самите да најдат решение. Тоа им давало можност на децата да размислуваат критички, да учат од ситуациите и самостојно да ги надминуваат пречките.
Почитта кон возрасните беше задолжителна
Се очекуваше децата да покажуваат почит кон сите возрасни, од родители, наставници, соседи до непознати. Родителите ги учеа да кажат „благодарам“, „извинете“, „ве молам“. Тоа не беше само форма на послушност, туку и начин на покажување култура и почитување на другите. Денес ваквиот однос сè уште се учи, но присутно е чувството дека нешто е изгубено.
Парите не растат на дрво
Порано родителите ги учеа децата дека парите се заработуваат со труд и не треба да се трошат неразумно. Не се добиваше сè веднаш. Напротив, се инсистираше на штедење и вреднување на секој денар. Тоа создаваше свест кај децата дека ништо не доаѓа лесно.
Не може да им се допаѓаме на сите
Иако не е лесно, важно е да се научи дека нема секогаш да им се допаѓаме на сите. Родителите ги учеа децата дека од одбивање може да се извлече поука и дека тоа е само мала пречка на патот до целта. Ваквата емоционална зрелост ги зајакнува.
Ако изгубиш нешто, нема да добиеш ново
Постоеше јасно правило: ако изгубиш, скинеш или скршиш нешто, нема веднаш да добиеш ново. Овој став ги учеше децата да внимаваат на своите работи и да научат да го ценат она што го имаат.
Животот понекогаш не е фер
Можеби најважната лекција што старите генерации ја пренесуваа е дека животот не е секогаш фер. Без разлика дали некој друг ќе добие подобра можност или ќе се случи нешто неочекувано, родителите ги подготвуваа децата да се соочат со реалноста. Така ги учеа да не се разочаруваат премногу, туку да се борат понатаму.