Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две машки деца. Поголемото има 4 години, а помалото 2,5 години. Помалото многу често покажува незадоволство. Зборува, но не сосема разбирливо. Оди во градинка повеќе од 1 година и таму е послушен и многу питом. Дома, особено во мое присуство, се однесува сосема спротивно. Кога сум тука, сака постојано да е кај мене в раце и да му посветувам внимание единствено нему. Поради тоа, често пати го запоставувам поголемото дете, кое во овој момент е многу поразбрано. Помалото многу често плаче и има многу бурни реакции, без видлива причина. Почна да се спротивставува на сѐ. Има претерано бурни реакции на секоја промена. На пример, секое утро станува расположен, но кога ќе почнам да го пресоблекувам, одеднаш почнува да вика на цел глас, да плаче и не ми дозволува да му ја соблечам облеката што ја носи. Иста бурна реакција има за секое парче гардероба. Се противи и потоа се обидува сам да се соблече.

Понатаму, кога ќе го извадам од креветот, почнува да плаче и да вика дека сака да се врати в кревет. Истата избувлива реакција ја има во моментот кога ќе го вклучам светлото во домот, или исклучам, кога ќе го вклучам телевизорот или исклучам, кога му облекувам патики, јакна, капа. Кога ќе го прашам дали нешто сака да јаде или да пие, од негова страна веднаш добивам отсечно „не”. Не ги ни слуша прашањата. Кога брат му ќе му даде некоја играчка в рака, најчесто вика „не“ и ја фрла на земја. Пробав да го игнорирам неговото однесување, но тој е многу упорен и е спремен да плаче цел час потоа. Се обидувам му објаснам, го прашувам зошто така се однесува, но воопшто не ме слуша, ниту ми одговара во вакви моменти, се обидов да викам, да го карам и заплашувам, но залудно. Како да се справам со ова однесување.

ОДГОВОР: Веќе сме пишувале дека фазата на детето од 2 до 5 години е фаза на негативизам и егоцентрично размислување и објаснивме дека тогаш детето ја зема предвид само својата перспектива и не може да ги разбере другите, како што вашето дете не може да ве разбере вас во вашите обиди да го смените неговото однесување. Неколку работи се битни во разгледување на вашата ситуација во однос на вашето дете, неговата позиција на раѓање на второ дете, темпераментот со кој е роден – читам дека е потемпераментен од брат му, вашите претходни очекувања – поинакви од оние што ги имате развиено од контактот со првото дете, пролонгирана приврзаност со семејството, особено со вас. Тој е поизбувлив и поимпулсивен затоа што му е потешко да ги контролира емоциите кои ги преживува и потребно е поинтензивно да ги изартикулира со цел да ги обработи и врати назад кон вас како некаков одговор на ситуацијата.

Искрено сметам дека создавате премногу ситуации за тој импулсивно да реагира, давате преголем избор, се ангажирате многу во неговата реакција и таму на самото место во контакт со него се обидувате да ја разберете и да му ја објасните. Понекогаш е доволно кога ќе се појави реакцијата, само да го смирите и да му кажете дека се е ОК и да чекате да помине, за потоа да ги продолжите активностите.

Понекогаш е битно да ја вербализирате неговата емотивна реакција и со сочувство да ѝ пристапите (на пр., „Ух, те налутив со ова силно светло“) и да му покажете дека и вас ве налутило тоа светло затоа што толку силно свети: „Сега јас ќе разговарам со него да се поднамали нареден пат. Чекај, да видам што ќе ми каже?“ (го слушате светлото, и потврдно реагирате). „Знаеш што ми вели, дека е на работа и мора да ги разбуди сите дечиња да не се успијат за потоа да не плачат кога доцнат в градинка.“ И видете како ќе се развие разговорот. Можете и навистина да смените агол на светлина, да ставите некоја позадушена светилка која нема директно да му блешти в очи, можете да му пуштите некоја музика која ја сака за да го разбуди пред да му пуштите светло за будење… истражувајте што го вознемирува, а што го смирува, и видете што ќе има ефект. Навистина има многу опции со кои можете да си играте.

Кога има некаква бурна реакција, не обидувајте се да ја разберете зашто така повеќе му кажувате како таа влијае врз вас и што предизвикува отколку што се случува кај него за да дојде до таа реакција. Можете да ја пренасочите со тоа што ќе внесете изненадувачки фактор, да се замрзнете и да не се движите кога почнува да вика или да му го одземете вниманието, да го насмеете со некоја изненадувачка поза. Тоа некогаш може да успее, некогаш не, ако веќе некое време трае и не сте фатиле да ја санирате на почеток, тогаш прво ќе ја дозволите и полека смирувате за потоа да почнете нешто друго.

Сте сфатиле дека кај него игнорирањето не функционира, тогаш што функционира? Дали имате некаква идеја од она колку го познавате вашето дете? Какви идеи имате? Дали сте заинтересирани да експериментирате со можни различни стратегии бидејќи никој никого не поставил на фиксни позиции, така само можеби ви изгледа. Сигурна сум дека некоја идеја ќе успее…

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X