Кога ќе се открие дека детето има некаква бактерија, тоа претставува кошмар за родителите бидејќи подразбира одење на лекар, земање брисеви, пиење антибиотици, па повторно брисеви сѐ додека не се добие негативен резултат за да може детето да се врати во градинка. И додека некои родители нормално го прифаќаат тој дел од растењето на децата, многумина ги фаќа паника, па бараат сите деца во групата да се тестираат (и тие што немаат никакви симптоми), па се бунат во вибер-групите зошто се носеле децата што имаат мрсули, децата што киваат, па се обвинуваат другите родители дека се несовесни…

Слична ситуација му се случила на таткото Петар Стојчевски, па напишал порака до другите родители од која сите можеме да научиме нешто, а ви ја пренесуваме во продолжение:

Здраво до сите родители во групата од градинката.

Сѐ уште сме немале можност да се запознаеме во живо, но се надевам ќе ни организираат од градинката некој настан со малишаните и ќе нѐ соберат 🙂

Таквите собири би ни помогнале и да си позборуваме на темите што сите нѐ засегаат, како што е последниов случај со бактериите и вирусите.

Дефинитивно нѐ вознемири сите, но на крај мора да ја разбереме и да ја прифатиме реалноста, таква каква што е.

А тоа е дека стаклени ѕвона не постојат, особено не во јавни детски установи. Бактериите и вирусите се дел од растот и развојот на секое едно дете. Ниту едно не е изземено од тој процес, па макар и не одело во градинка и седело само со баба и дедо. Низ истото детство со разболувања сме поминале и ние.

Единствено што можеме да направиме е да го прифатиме тој факт наместо да се бориме против него, затоа што на крајот од таа борба нема никој да излезе како победник, туку сите ќе останеме со децата по дома чудејќи се што да им правиме секој ден.

Вадењето брис не ги лечи болестите. Пиењето антибиотици е само времено решение, што потоа двојно ја влошува имунитетската одбрана кај детето. Затоа, ве молам сите заедно да се советуваме кај докторите и кај постарите, кај тие што веќе многу пати го поминале истото. Не можеме ние да сме попаметни од нив, ниту од болестите – никој досега не ги уништил, па нема ни во иднина да успее.

Градинката е јавна установа и постои со причина – треба да ни помага во животот, а не да ни одмага.

Ве замолувам да не си го отежнуваме дополнително животот со тоа што ќе ги отстрануваме децата од градинка. Ним таму им е местото, освен во крајни случаи на температура и снеможеност.

Вина не постои, да не покажуваме со прсти за тоа што мораме да работиме, а децата да ги оставаме да стекнуваат имунитет таму каде што им е местото, затоа што мрсули во нос не е болест.

Повторно ве замолувам да се консултираме со доктори, а не веднаш панично да реагираме.

Оваа грешка ја правиме сите, особено со првите деца. Многу доцна, со следните деца, прогледуваме и сфаќаме каде сме грешеле. Па затоа само сакаме да ја пренесеме таа животна лекција и на сите околу нас.

Силна и здрава младина не се создава со изолација. Ве молам да не ја правиме таа грешка.

Не заборавајте дека ние сме растеле валкани и мрсулави, ама сепак среќни, и тоа повеќето од нас точно тука, во истата градинка во нашето маало.

Да не ги учиме на изолација и бегање уште од мали нозе.

Да им пренесеме дека не постојат пречки во животот и тоа убаво наше безгрижно детство да го доживеат и децата на нашите деца!

Имајте убав ден и без грижи, ќе им помине ко на кутриња, па од утре пак во палава детска игра.



912

X