Среќата е една од неколкуте основни емоции и може да се препознае многу рано во детството. Со неа се поврзани емоционалните состојби како: физичка и психолошка слобода, сигурност, стабилност, задоволство.

Кога детето е среќно, тоа јасно се гледа на неговото тело и лице преку неговото движење и фацијална експресија. Среќното дете е дете кое се смее наглас, чија кожа околу очите се собира, а очите се стеснуваат поради подигнување на јаболчниците.

Тоа е дете што скока, потскокнува кога оди, танцува, потпевнува кога си игра, пее и игра на музика.

Среќата е позитивна емоција која детето го прави поигриво, поотворено, покреативно и посмирено. Среќното дете истражува, ги тестира околината и возрасните околу него. Среќата ја чувствува кога остварува и реализира некоја идеја, кога добива нешто што многу го посакува, кога постигнува подобри резултати од очекуваните, кога се чувствува безбедно и ценето од страна на возрасните, т.е. родителите, роднините, учителите и воспитувачите.

Кога детето е среќно, среќата ја чувствува и на физиолошки план. Тогаш во мозокот се лачи серотонин или хормон на среќата, кој е нервотрансмитер и помага да се пренесуваат сигнали меѓу разни делови од мозокот,  важен е за регулација и амортизација на стресот со кој се соочува детето. Кога неговото ниво во организмот е во нормала, тогаш се јавува чувство на задоволство и психолошка опуштеност.

Најдобрата работа што родителот може да ја направи е да ја разбере детската среќа, да биде креативен и да ги пронајде причините и она што неговото дете го прави среќно.

Тоа сигурно не би биле материјалните работи што би се купиле со пари. Среќата е многу подлабоко. Таму во душата, во телото.

Тоа подразбира дека родителот или возрасниот кој се грижи за детето треба го следи неговото однесување и да ја препознае неговата емоција на среќа. Во тој контекст секогаш кога ќе го видите детето среќно, убаво е да му кажете: „Гледам дека сега си баш среќен/а. Сигурно многу убаво се чувствуваш. Што те расположи толку?“

Среќата е многу важна, важна е за секое дете, секој човек, поважна отколку што мислиме. Среќата е двигател, мотиватор, стимулатор во креирање карактерни особини, креатор на сликата за себе и самодовербата што детето ја гради.

Среќата е многу повеќе од ова. Таа е составен дел на животна енергија и потсетник дека постојат и добри, т.е. среќни денови, недели, месеци, мигови.

За среќата и за сѐ околу неа можете да читате заедно со вашите деца во мојот психолошки прирачник „Кога Сончка е среќна“.



912

X