Воспитување

Тие што имале среќно детство се поздрави подоцна во животот

Луѓето што имаат убави сеќавања од детството, особено од нивните односи со родителите, имаат подобро здравје, помалку се депресивни и имаат помалку хронични болести подоцна во животот, покажува истражување објавено од американската психолошка асоцијација.

– Знаеме дека меморијата игра огромна улога во тоа како го сфаќаме светот – како ги организираме нашите минати искуства и како судиме кога треба да дејствуваме во иднина. Како резултат на тоа, постојат многу различни начини на кои може да нè водат нашите спомени од минатото – вели д-р Вилијам Џ. Чопик од Државниот универзитет во Мичиген и главен автор на истражувањето.

– Откривме дека добрите спомени имаат позитивен ефект врз здравјето, веројатно зашто го намалуваат стресот или ни помагаат да правиме здрав избор во животот – додава тој.

Претходните истражувања покажаа позитивна врска меѓу добрите спомени и доброто здравје кај младите луѓе, вклучувајќи го и повисокиот квалитет на работа и на личните односи, намалена употреба на супстанции, намалена депресија и помалку здравствени проблеми.

Голем дел од постојните истражувања се фокусираат на мајките и ретко ја испитуваат улогата на татковците во развојот на децата. Чопик и неговиот колега Робин Еделшјтан од Универзитетот во Мичиген се обидоа да ги прошират постојните истражувања со цел да ги вклучат рефлексиите на учесниците во нивните односи со двајцата родители.

Истражувачите користеле податоци од два национални репрезентативни примероци, Националната анкета за развој на средниот живот во САД и Истражувањето за здравството и пензионирањето, со повеќе од 22.000 учесници. Првото истражување ги следело возрасните во средината на нивните 40-ти години во период од 18 години, а второто истражување ги следело возрасните во текот на нивните 50-ти години во период од 6 години. Анкетите вклучувале прашања за перцепциите за родителската наклонетост, целокупното здравје, хроничните состојби и депресивните симптоми.

Учесниците во двете групи што известија дека се сеќаваат на повисоки нивоа на наклонетост од нивните мајки во раното детство подоцна имале подобро физичко здравје и помалку депресивни симптоми. Оние што пријавиле спомени со поголема поддршка од нивните татковци исто така имале помалку депресивни симптоми.

– Најизненадувачки наод беше тоа што сметавме дека ефектите ќе исчезнат со текот на времето, бидејќи учесниците се обидуваа да се потсетат на нештата што се случиле пред повеќе од 50 години. Се очекува детските спомени да имаат помалку значење со текот на времето, но овие сеќавања и понатаму предвидуваат подобро физичко и ментално здравје кога луѓето биле во средовечни години или постари – вели Чопик.

Имало посилна асоцијација кај луѓето што пријавиле посилна љубовна врска со нивните мајки – истакна Чопик.

Чопик и Еделштајн откриле дека учесниците со позитивни спомени од детството, исто така, имале помалку хронични состојби во првото истражување со 7.100 луѓе, но не во второто со 15.200 луѓе.

Поврзани написи

To top