Здравје

Среќните и сакани тинејџери имаат поздраво срце кога ќе пораснат

Среќни и сакани тинејџери, кои се чувствуваат добро за себе и за своите животи – ова е чувство кое може да има долгорочен ефект врз здравјето на нивните срца, според нова студија на научен тим објавена овој јануари во списанието на Американското здружение за срце. Истражувачите откриле дека тинејџерите што генерално се чувствуваат среќни, оптимистични и сакани покажале подобро кардиоваскуларно здравје во нивните 20-ти и 30-ти години, во споредба со децата што немаат такво ниво на ментална благосостојба.

Среќните тинејџери се поздрави подоцна во животот

Генерално, истражувачите откриле дека среќните и сакани тинејџери имаат поголема веројатност да одржуваат здрава, нормална тежина подоцна во животот, како и нормален крвен притисок, шеќер во крвта и ниво на холестерол. Научниците потсетуваат дека идејата оти благосостојбата на децата може да влијае врз нивното здравје во зрелоста не е нова. Истражувањата покажале дека дебелината во детството, на пример, е причина за зголемен ризик од разни здравствени состојби, како што се дијабетес тип 2 и срцеви заболувања – подоцна во животот.

Возрасните што поминале низ тешкотии во детството, како што се злоупотреба и запоставување, исто така се изложени на зголемен ризик од срцеви заболувања и други болести. Експертите велат дека новата студија поставила поинакво прашање – дали постојат позитивни психолошки „активности“ кои би можеле да помогнат во заштитата на физичкото здравје на децата на долг рок?

Што е тоа што влијае врз кардиолошкото здравје на тинејџерите?

-Нешто што ме восхитува е тоа што навистина не знаеме кои се „добрите работи“ што им се потребни на децата за да го поддржат своето кардиолошко здравје – вели професорот Фарах Куреши, водечки истражувач на Школата за јавно здравје „Џонс Хопкинс Блумберг“ во Балтимор.

За да одговори дали менталната благосостојба влијае врз идното здравје на тинејџерите, тимот на професорот Куреши ги испитувал податоците од Националната здравствена студија, во која биле запишани речиси 3.500 средношколци во САД од 1990 година наваму и ги следеле повеќе од две децении. На почетокот, учениците одговарале на прашања кои мерат пет психолошки вредности:

-среќа
-надеж за иднината
-самопочит
-чувство дека се општествено прифатени
-чувството да се биде сакан и посакуван.

Истражувањето за тоа дали тинејџерите се среќни и сакани открива и некои лоши вести

Сепак, научниците пронашле многу лоши информации – повеќе од половина од децата немале ниту едно или само едно од овие позитивни чувства. Но, оние што имале позитивен став за 4 или 5 од овие вредности, исто така, имале околу 69 проценти поголема веројатност да одржат добро кардиоваскуларно здравје во нивните 30-ти години, во споредба со нивните врсници. Покрај тоа, земени се предвид и други фактори, како што се семејниот приход, образованието на родителите и телесната тежина на децата. Професорот Куреши нагласил дека начинот на кој децата се чувствуваат за себе и за нивните животи може да влијае врз нивното здравје. Д-р Адриен Ковач, клинички и здравствен психолог во „Equilibria Psychological Health“ во Торонто, се согласува.

-Кога сме оптимисти, на пример, очекуваме дека ќе успееме да се справиме со ситуацијата, па се однесуваме соодветно. Тоа би можело да биде разликата помеѓу верувањето или неверувањето дека можете да промените нездрава навика – истакнува д-р Ковач. Покрај тоа, двајцата експерти велат дека хроничниот стрес може да има директни физиолошки ефекти врз телото. Затоа тие нагласуваат колку е важно да се поддржи менталната благосостојба на децата, што може да биде едноставно – кога сите ќе седнеме да вечераме заедно, секогаш треба да ги прашуваме децата како се, за почеток.

Извор

Поврзани написи

To top