Одредени основни училишта во Србија ќе бидат дел од пилот-проектот наречен „Секое дете има право да расте здраво“ каде што секојдневно ќе организираат часови по физичко.
„Одредени училишта ќе имаат можност да го реализираат овој проект во своите институции дури во првата година, бидејќи се работи за пилот-проект и на колегите од Министерството за образование ќе им треба време да ја подготват реализацијата на проектот. Од следната, втора година, сите деца во сите училишта ќе имаат можност да вежбаат секој ден“, истакнал Горан Вијешица од Здружението за предучилиштен спорт и физичко образование.
Според Вијешица, во првата година од пилот-проектот се планира физичко образование да се одржува секој ден во училиштата кои имаат едносменско работење и каде што е полесно да се реализира проектот.
Едно истражување покажува дека едно од осум деца во Србија има проблем со дебелината, а тоа е и еден од мотивите за започнување на ваков проект.
„Покрај големиот број дебели деца, има и многу деца со лошо држење на телото, проблеми со стапалата, ‘рбетот, кои можеме да ги видиме и самите кога ќе влеземе во училишните дворови. Тоа значи дека овие студии се точни. Целите на проектот се да се намалат и превенираат проблемите со ‘рбетот и проблемите на дебелите деца“, изјавил Горан Вијешица.
Како потенцијален проблем го наведува и просторот во салите за физичко образование и потенцира дека треба да се бара соодветен метод за да може да се одвива наставата. Смета дека кадарот нема да биде проблем бидејќи во училиштата работат наставници кои немаат доволно часови и тоа ќе биде можност да се промени состојбата.
912