Икањето во текот на онлајн-наставата е очекувано. Паѓање на системот, интернетот, бавни апликации и замрзнати екрани се оние технолошки проблеми што доаѓаат со самиот процес. Но, технолошките проблеми не се ништо во споредба со дете што одбива да зборува на камера. Ако разберете зошто вашето дете е срамежливо во текот на виртуелното учење, тогаш ќе можете да му помогнете да ги надмине фрустрациите, сметаат експертите.
– Тремата е вообичаено чувство кај децата кога од нив се очекува да реализираат некоја презентација на училиште, да се натпреваруваат во некој спортски настан или да изведат некаков рецитал. Па природно е децата да имаат слични чувства и со камери во текот на виртуелната учебна година – вели Кели Бек, специјалист за деца од болницата „Синаи“ во Балтимор, САД.
Замислете го првиот ден од виртуелното училиште. Вашето дете изгледа возбудено, но штом се вклучи камерата од првиот повик на „Зум“, тоа се крие под маса или си го покрива лицето со рацете. Ви звучи познато? Или можеби детето нема проблем со повикот, но вреска и плаче кога е време да се сними себеси за видеозадача. Можеби децата се добри во училница, но зошто на екраните покажуваат различно однесување?
Страв да не направат грешка, страв од засрамување, страв дека нема да ги исполнат очекувањата
– Децата и тинејџерите може да имаат анксиозност слична на тремата од јавно говорење кога се пред камера за виртуелно учење бидејќи се грижат за својот перформанс – страв да не направат грешка, страв од засрамување, страв дека нема да ги исполнат очекувањата – се грижат дали ќе бидат во фокусот на вниманието, дека можеби ќе бидат исмејувани, или едноставно се загрижени за самото излагање пред врсниците – вели д-р Лора Греј, клинички психолог.
Таа објаснува дека децата што порано имале негативно искуство може да се срамат и да се плашат дека ќе ги повторат грешките од минатото. Дополнително, децата што генерално се нервозни кога се во центар на вниманието и извршуваат активности, на пример, читање наглас пред целото одделение, може да имаат слични чувства и пред камера.
– За секое дете или тинејџер што има анксиозност кога ќе му биде побарано да зборува на екран, анксиозноста ќе ја попречи неговата способност за сеќавање на информациите што треба да се презентираат, па ќе му биде потешко да одговори. Ова негативно искуство го зајакнува стравот од зборување пред одделението на камера и може да доведе до зголемена анксиозност следниот пат – вели Греј.
Друг дел од тремата може да е поврзан со тоа што детето си го гледа сопствениот одраз на екранот.
– Кога децата одат на училиште, тие не се гледаат постојано себеси, освен пред некое огледало во тоалетот и слично, а мобилните телефони се најчесто непотребни или забранети во училниците. А преку виртуелното учење и камерите децата постојано гледаат мала слика од себеси, па тоа ги прави премногу свесни за својата појава – вели невропсихологот д-р Санам Хафиз. Додава дека родителите може да бараат причина за тремата и во „булингот“.
– Тоа е различна тема, но ако детето чувствува дека некој негов соученик е лош кон него или доживува булинг на други платформи, тоа може да биде причината што е срамежливо кога треба да зборува пред камера – вели таа.
Што може да направите за да помогнете?
Зборувајте со наставникот за детето. Тој може да има некоја перспектива која вие не сте ја зеле предвид. Ако на детето му недостига самодоверба, уверете се дека има пријатна работна средина и дека е соодветно облечено. Зборувајте со детето и помогнете му да ги совлада емоциите кога се појавува пред екранот, и поврзувајте се со неговите искуства преку споделување и на вашите – ако се занимавате со таква работа.
– Неколку работи може да ги смират децата повеќе од знаењето дека нивните родители разбираат како тие се чувствуваат. Дискутирајте со детето и имајте отворена комуникација за неговите чувства кога се јавува пред камера, уверете го дека може да сподели со вас колку му е тешко понекогаш. Сето тоа ќе му даде чувство дека вие како родител го охрабрувате и го разбирате – вели д-р Хафиз.
Сепак, решението за тремата може да биде различно за секое дете и семејство. И покрај тоа, поддршката искажана кон детето е клучот во таа ситуација.
– Најважно е родителите да ги валидизираат чувствата и грижите на децата. Наместо да се отфрла нивната анксиозност и да им се вели дека оваа фаза ќе помине, покажете емпатија и сослушајте ги – вели Бек.
Автор: Ешли Џонс
912