Игротека

Совети за татковци – работи што мора да ги знаете по породувањето на вашата сопруга

Татковците понекогаш се збунети од сите промени што ѝ се случуваат на мајката во текот на бременоста, а особено по породувањето. Тогаш телото на жената се враќа во „нормала“, а со тоа доаѓаат и последици што мажите понекогаш не можат да ги разберат.

Ова се нашите совети за татковци по породувањето на сопругата.

Ако мислите дека хормоните на вашата жена по породувањето ќе се вратат во нормала, се лажете!

Периодот од шест недели по породувањето е време кога жената физички, емоционално и хормонално закрепнува од бременоста и породувањето. Високите нивоа на естроген и прогестерон се враќаат во нормала, а пролактинот, кој е задолжен за создавање млеко, едноставно „подивува“.

Првите шест недели се период во кој вие се навикнувате на бебето и бебето на вас, а со тоа доаѓаат и ритамот на хранење, спиење, доење и слично.

Совет: Во овој чувствителен период бидете внимателни со мајките, бидете од помош, особено кога станува збор за доењето и грижата за детето. Следете го расположението на мајката и навреме препознајте ја постпородилната депресија. Ако постои таква дијагноза, помогнете ѝ со лекувањето, упатете ја кај психолог, бидете покрај неа.

Не давајте непотребни совети

Знаеме дека се обидувате да помогнете, но изјави како: „Мислам дека бебето е гладно“ не се ни соодветни ни пожелни, особено ако последниот час сте го поминале слушајќи го како плаче.

На мајката паѓа најголемиот товар – доењето и поголемиот дел од грижата за бебето, барем првите шест месеци од породилното отсуство.

Совет: Наместо да нудите решенија, прашајте ја партнерката дали ѝ треба помош или уште подобро: земете го бебето и дозволете ѝ да се одмори.

Направете сè што можете за да ѝ помогнете на сопругата додека дои

Иако многумина, особено мажите, мислат дека доењето доаѓа само по себе, тоа не е вистина. Доењето е спој од волја, нерви, соработката на бебето и многу среќа. Со него доаѓаат болни брадавици, преполни гради и разни компликации. Тоа е тешко и исцрпувачко, па затоа мажите треба да им ја олеснат работата на своите партнерки.

Совет: Ако е потребно, пригответе им едноставен оброк, прашајте ги дали се жедни, преземете ја грижата за бебето и други ситници.

Мајката можеби нема да биде подготвена за „интимност“ веднаш

Станува збор за емоционална и физичка подготвеност која е нарушена од грижата за детето и сè што таа грижа носи. За да дознаете дали вашата сопруга е подготвена за интимен однос, разговарајте отворено и помогнете ѝ да ги надмине емоционалните пречки. И најважното, почитувајте го нејзиниот ритам.

Совет: Не е сè во интимниот однос. На некои жени закрепнувањето по породувањето им паѓа многу тешко. Ислушајте ја и бидете ѝ рамо за плачење. Однесувајте се кон неа онака како што би сакале таа да се однесува кон вас кога би биле бремени девет месеци и би родиле бебе од четири килограми.

Поделете ги обврските

Животот со новороденче е хаотичен сè додека не се вклопите во улогите. Тој период им паѓа најтешко на мајките, особено затоа што татковците порано или подоцна ќе се вратат на работа.

Совет: Исчистете го домот, испеглајте ја бебешката облека, прошетајте го бебето, направете вечера. Иако мајките се цел ден дома, верувајте дека понекогаш немаат време ни да измијат заби.

Извор

Поврзани написи

To top