Игротека

Совети за родители што со мало дете летаат на долги релации

Летањето со бебиња или мали деца е активност што повеќето од нас не им ја посакуваат ни на најлошите непријатели. Но, некогаш мора да се лета. Еден татко признава дека еднаш, во текот на патувањето со авион, ги оставил своите деца да фрлаат предмети на подот, а потоа да го удираат по главата кога се обидувал да ги земе. На тој начин се забавувале и не правеле голема штета. Барем тој така мисли.

Ова се неколку совети како полесно да го помините и најдолгиот лет. Една Американка, која живее во Пекинг, вели дека нејзините патувања со децата ги претвора во фази, како воена операција. Па затоа, во продолжение е планот за борба.

Користете список за пакување: една нова играчка или книга на секој час; празно шише за вода; промена на облеката, пластични кеси, влажни марамчиња, дополнителни јакни и ќебиња, слушалки, чаши со капачиња, апчиња, сирупи. Не ставајте многу пелени бидејќи можете да ги купите таму каде што ќе одите.

Иако сакате да понесете многу работи, не претерувајте.

Облечете се паметно. Новороденчињата во шпилхозни со патент. Ако доите, носете маица што овозможува полесен пристап, плус промена на облека и панталони со многу џебови.

Нарачајте специјален оброк – вегетаријански, халал, кошер, што и да е достапно. Тие оброци се носат први, што значи дека децата први ќе јадат.

Известете ја авиокомпанијата со која ќе летате дека ќе летате со дете под 2 години. Резервирајте колепка за бебето, плус седишта со преграда за себе.

Обидете се да направите времето на летот да се совпадне со времето за спиење на децата. Идеално би било ако вашето бебе спие во текот на поголемиот дел од летот. За да му помогнете во тоа, резервирајте лет што се совпаѓа со времето на дремнување на бебето.

При пријавување, побарате седиште кај прозорецот со колепка, што обезбедува приватност за доење.

Ако планирате да земете пумпа за молзење, проверете дали треба да земете приклучок за струјата.

Стигнете на аеродром порано. Средете се без да брзате и без да предизвикате застој на другите патници.

Надојте го бебето или дајте му млеко во шише или понудете му цуцла за време на патувањето и слетувањето за да ги заштитите бебињата од промените во притисокот. Но, бидете внимателни и не почнувајте прерано со хранењето затоа што бебето ќе се најаде пред авионот да полета.

Спријателете се со стјуардесите, а ако патувате без партнерот, дајте им до знаење дека сте сами. Добро би било да знаат дека патувате сами и вашите сопатници што седат со вас, за во случај да сакате да го искористите тоалетот, да има кој да внимава на вашите деца.

Пејте песни, правете смешни звуци, стојте, шетајте ако плаче вашето бебе. Нема простор за срам.

Децата на 18 месеци можат да гледаат во екран. Овде нема простор за ограничувања за времето поминато пред екранот. Да, Американската академија на педијатри не препорачува децата да седат пред екран пред 18 месеци, но академијата не е таа што се справува со иритирано дете за време на долг лет.

Игнорирајте ги временските зони. Оставете го бебето да спие.

Мијте ги рацете колку што е можно повеќе. Аеродромите и авионите се преполни со бактерии.

Дајте им на децата да пијат вода или да лижат лижавче при полетување и слетување.

Запомнете го правилото на еден час играчки и грицки. Добрите играчки вклучуваат боички и хартија, лепенки, пластелин, телефон-играчка и книги. Лошите играчки ги вклучуваат сите играчки што се тркалат кога ќе паднат на подот.

Дозволете нездрава храна и грицки – сега не е време за правила за здрава исхрана. Да се соочиме: сакате да го помините летот без проблеми, а не да ја освоите наградата „Родител на годината“.

За проблеми меѓу браќа/сестри, развијте систем за награда. Децата добиваат ѕвезда по секои 15 минути поминати без кавги. Кога ќе соберат осум ѕвезди, добиваат нешто како награда.

Не потресувајте се ако децата плачат. Никогаш повеќе нема да ги видите луѓето со кои патувате и оние што судат никогаш не биле на ваше место. Вашето дете има исто толку право да биде на летот како и секоја друга личност. Сепак, бидете љубезни со другите патници во авионот. Некои родители однапред им се извинуваат на сопатниците. Ако вашето бебе постојано плаче, обидете се да останете смирени. За жал, бебињата плачат и сите го знаат тоа. Дајте сè од себе за да го утешите и да го смирите што е можно побрзо.

Напијте се чаша вино или пиво уште на почетокот на летот. Ќе ве опушти.

Наредниот пат кога ќе видите родител што патува со деца на долг лет, понудете му помош, можеби да го подржите бебето додека родителот оди во тоалетот.

Поврзани написи

To top