Огнен Шешоски, ортопед

Огнен Шешоски, ортопед

Д-р Огнен Шешоски
Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ - Охрид

Повеќе од авторот

Ако родителите или најблиските забележат какво било искривување на ’рбетот, детето веднаш треба да се упати на ортопед

Една од најчестите причини за посета на ортопед е кога родителите ќе забележат некакви промени во држењето на телото или во формата на ’рбетот на нивните деца. Тие се загрижени дека поради неправилното држење на телото, може да дојде до некоректибилен деформитет на ’рбетот. Општо е познато дека болката во грбот е една од најчестите причини за страдање во подоцнежната возраст и како таква можно е да биде превенирана со преземање соодветни мерки во текот на детството. Грбот или ’рбетот има и симболично значење во лингвистичка смисла и е во голем дел „видлива манифестација на душата“, вели Христијан Моргенстерн.

Најчести деформитети

Најчести деформитети што се јавуваат во детската (вклучувајќи ја и школската) возраст се сколиозите (искривување на ’рбетот во страна) или кифозите (искривување на ’рбетот нанапред). Од сколиозите почесто се среќаваат оние што се структурални (нефлексибилни), кои не се резултат на лошото држење на телото и кај кои најчесто е потребен понатамошен третман. Меѓутоа, постојат и неструктурални (коректибилни) – кои се резултат на повеќе различни состојби, како сколиотичното држење на телото, нееднаква должина на нозете, воспаленија, контрактури и сл.
Од 70 до 90 отсто од структуралните сколиози што се јавуваат во детската возраст се идиопатски, односно без познат причинител за настанувањето. Според честотата на појавување, пак, најчести се деформитетите во адолесценцијата, т.е. од почетокот на пубертетот до завршувањето на коскениот раст.

Навреме на ортопед

Важноста од правилно распознавање и дијагностицирање на деформитетите на ’рбетот произлегува од фактот што нивното влошување е во директна врска со времето на појавување на деформитетот, големината на деформитетот и брзината на растот на детето – која знаеме дека значително се зголемува во пубертетот. Деформитетите што се откриени во порана возраст имаат поголеми шанси да прогресираат во текот на растот на детето, а особено во текот на пубертетот. Затоа, доколку родителите или најблиските забележат какво било искривување на ’рбетот или, пак, на тоа се посомнева докторот при редовните систематски прегледи, детето треба да се упати на ортопед, кој понатаму ќе изврши целосен и темелен преглед.

Како изгледа прегледот

Прегледот на детето почнува со разговор со пациентот и родителот – причините за доаѓање на преглед, симптомите итн. Важно е да се напомене дека идиопатските сколиози се безболни во најголем дел од случаите и доколку детето се жали на болка, вниманието треба да се насочи и кон други заболувања. Следува преглед на детето (уочување разлики во однос на висината на рамењата, испакнатоста на лопатките, разлики во струкот лево и десно итн.). Понатаму се извршува тестот на претклон на детето нанапред со исправени колена и споени стапала (при кој доколку постои деформитет, се уочуваат испакнатини во пределот на ’рбетот), испитување на подвижноста на ’рбетот и другите зглобови итн. Во зависност од добиените информации од прегледот, доколку ортопедот процени, се прават и дополнителни испитувања (РТГ-снимки на ’рбетот во стоење во два правци и сл.).

Што ако има сколиоза?

Доколку се дијагностицира идиопатска сколиоза кај детето, следува нејзин понатамошен третман. Целта на терапијата е да се превенира прогресијата на кривината, да се коригира постојната кривина и да се задржи во коригираната положба. Достапни тераписки опции се физикалната терапија (вежби), ортозите (корсети) и оперативното лекување, а се применуваат по тој редослед во зависност од големината на кривината и од можноста за нејзино понатамошно зголемување. И покрај тоа што многумина сметаат дека вежбите не го спречуваат понатамошното влошување на кривината, моето мислење е дека тоа е неопходна тераписка процедура. Со нив освен што се подигнува општиот тонус на мускулатурата и се балансираат контрактурите на одделни мускулни групи, што дејствува корективно на деформацијата, се свртува и вниманието на детето и на родителите кон деформацијата и со тоа се укажува на реалната опасност од нејзино влошување.

Предрасуди за спортување

Постојат предрасуди дека детето со сколиоза не треба да се занимава со спорт, но тоа е апсолутно неточно. Напротив, детето треба да се мотивира и активно да се поддржува да учествува во спортски активности – пливање, кошарка, одбојка и сл. Другите тераписки опции – конзервативното лекување со гипсеви и ортози (корсети), а во најлош случај и оперативното лекување – се применуваат кај големи искривувања и кога се следи понатамошно влошување на деформитетот кај деца кои штотуку влегуваат во пубертет – односно во период на забрзан раст. И тука треба да се нагласи дека конзервативниот третман на лекување со ортози (корсети) и покрај тоа што е непопуларен и тешко се прифаќа од страна на децата, доколку е индициран, треба да се придржуваат кон него. Тоа е единствен начин да се коригира и да се задржи влошувањето на кривината и евентуално да се избегне понатамошното оперативно лекување.



912

X