Воспитување

Совети од адвокатката Јована Малезанска: Важно е родителите да сфатат дека разводот не значи прекин на родителската улога

Малезанска ни посочи дека најважниот совет што им го дава на родителите е дека децата секогаш мора да бидат во центарот на нивното внимание, без разлика на меѓусебните недоразбирања или конфликти. Разводот е тежок процес за возрасните, но за децата може да биде длабоко вознемирувачки доколку не се води сметка за нивните чувства и потреби

Како започнува и колку трае постапката за развод? Како судот одлучува кому ќе ги довери децата (старателство)? Како се уредува правото на контакт со другиот родител? Ова се најпоставуваните прашања од родителите кога станува збор за почнување постапка за развод. Според искуството на адвокатката Јована Малезанска, родителите се консултираат со адвокат уште пред да донесат конечна одлука за развод. Главната причина е потребата да добијат јасна слика за тоа како изгледа постапката за развод, но уште повеќе, како се решаваат прашањата поврзани со децата.

– Советувањето со адвокат овде е клучно бидејќи родителите сакаат однапред да знаат кои се нивните права и обврски, со цел полесно и попромислено да ја донесат таа важна одлука. Од искуство можам да кажам дека разговорот со адвокатот е исклучително важен чекор што помага емоциите да се стават во разумна правна рамка, а процесот на развод (како и решавањето на прашањата поврзани со децата) да се води со максимална грижа за интересите на малолетните деца – ни споделува Јована. 

Вклученоста на детето е од суштинско значење

Како што ни споделува Малезанска, во македонската практика сè уште постои општо прифатено мислење дека децата по развод по правило ѝ се доверуваат на мајката. Овој став потекнува од традиционалната перцепција за родовата улога на жената како примарен негувател и воспитувач на децата. Меѓутоа, ваквиот пристап не секогаш соодветствува со реалната семејна динамика денес, каде што и таткото сè почесто има активна и значајна улога во одгледувањето и воспитувањето на децата.
– Според македонското законодавство, а особено согласно Конвенцијата за правата на детето (1989), судот е должен да одлучува според принципот на најдобар интерес на детето. Тоа значи дека не постои автоматизам или претпоставка во полза на еден родител поради полот, туку се оценуваат низа фактори:
• возраста и потребите на детето,
• емоционалната врска со секој родител,
• стабилноста на животната средина,
• способноста на родителите да се грижат за детето,
• како и психофизичката и социјалната состојба на детето.

Притоа, детето има право да биде информирано, слушнато и неговото мислење да се земе предвид согласно возраста и зрелоста. Соодветните институции се должни да ја анализираат секоја конкретна ситуација без предрасуди, водејќи сметка за целокупната добросостојба на детето, а не според стари стереотипи за родителските улоги – објаснува Малезанска.

Таа дополнува дека во македонското семејно право не постои правен институт на заедничко старателство (joint custody) како што е предвидено во некои други правни системи. Со пресудата за развод, судот одлучува дека детето се доверува на чување, воспитување и делумно издржување на еден од родителите. Обично, родителите се обидуваат меѓусебно да се договорат за начинот на остварување на видувањата со другиот родител. Доколку не постигнат договор, се прибегнува кон мислење од надлежниот Центар за социјална работа, врз основа на процена на конкретната семејна ситуација.

– Во овој процес вклученоста на детето е од суштинско значење. Согласно Конвенцијата за правата на детето и домашното законодавство, детето има право:
• да биде информирано на начин соодветен на неговата возраст,
• да биде слушнато
• и неговото мислење да се земе предвид при одлучување за старателство и контакт со родителите.

Ова обично се спроведува преку стручни лица (психолози, социјални работници) кои имаат задача да ги проценат мислењето и потребите на детето во контекст на неговата психофизичка и социјална состојба. Суштината е секогаш една: одлуката мора да биде во најдобар интерес на детето, без автоматизам или претпоставки во полза на еден родител – истакнува Малезанска.

Мојот искрен совет е родителите да побараат стручна помош од психолог

Според неа, мислењето и процената на Центарот за социјална работа (ЦСР) се клучни за судот при донесување одлука за старателството и контактот со детето. Судот речиси секогаш ја базира својата одлука врз основа на наодите и препораките од ЦСР, кои се добиваат преку стручна процена на целокупната семејна состојба, вклучувајќи и психолошки извештаи.

– Досега не сум имала случај во кој судот донел одлука спротивна на мислењето на ЦСР бидејќи токму тие стручни наоди му даваат на судот објективна основа да ја утврди најдобрата одлука во интерес на детето – вели Јована.

Разводот е тежок и емотивно исцрпувачки процес. Секој партнер го доживува како личен неуспех, а често им е потребно повеќе време за да се соочат со таа реалност. За жал, таквата емоционална состојба најмногу се рефлектира врз децата.

– Најчестите грешки што ги забележувам се: родителите ги користат децата како посредници, во стилот „кажи му на татко ти“ или „пренеси ѝ на мајка ти“. Често, во присуство на децата, се упатуваат навредливи или омаловажувачки зборови за другиот родител, што за детето е особено болно и збунувачко. Се случува детето, гледајќи го емоционалниот распад на еден од родителите, да преземе улога на заштитник наместо да добие грижа и стабилност од возрасните. Мојот искрен совет е родителите да побараат стручна помош од психолог, како за себе, така и за децата, за полесно да го поминат овој тежок период. Секогаш треба децата да бидат во фокусот на родителите при секоја одлука или постапка во процесот на развод – посочува Малезанска.



На децата им се потребни двајцата родители

Таа вели дека на децата им се потребни двајцата родители за нивен правилен психо-социјален развој. Улогата и на мајката и на таткото е еднакво важна, секој од свој аспект придонесува за растењето и емоционалната стабилност на детето.

– Затоа е исклучително значајно детето да ја одржува и негува врската со двајцата родители, под услов да нема семејно насилство, занемарување или друго штетно однесување што би го загрозило неговото здравје и добросостојба. Иако според македонското право детето формално се доверува на чување и воспитување на еден родител, многу е важно да се обезбеди редовен и квалитетен контакт со другиот родител, со цел да се зачува родителската врска и да се овозможи детето да расте во здрава средина со присуство и поддршка од двајцата. Исто така, би истакнала еден многу важен аспект: децата сакаат да бидат слушнати и вклучени. Во ситуации на развод децата имаат потреба од предвидлива динамика и јаснотија. За нив е многу важно да не бидат третирани како „неми предмети“ на кои само им се соопштува одлука, без да се земе предвид нивното мислење или чувство. Родителите треба да разговараат со децата на начин соодветен на нивната возраст и зрелост, да им објаснат што се случува со едноставни и искрени зборови, притоа јасно покажувајќи дека и двајцата ќе останат присутни во нивниот живот. Клучно е децата да се чувствуваат сигурно и да знаат дека нивното мислење е важно, дури и ако конечните одлуки се донесуваат од возрасните – подвлекува Малезанска.

Родителите да соработуваат како тим

Исто така, важно е да се знае дали родителите имаат пристап до бесплатна психолошка или правна помош? Дали судот или другите институции можат да препорачаат медијација пред развод?

– Одредени категории граѓани, особено оние со послаб материјално-социјален статус, под законски утврдени услови, имаат право на бесплатна правна помош во постапки за развод и старателство. Жртвите на семејно насилство и други насилни кривични дела имаат право на бесплатна психолошка и психосоцијална поддршка, преку специјализирани институции и невладини организации. Кога станува збор за медијацијата, македонското законодавство ја предвидува како можност за мирно решавање спорови. Сепак, за жал, во Македонија медијацијата не се користи доволно, иако лично сметам дека би била исклучително корисна, особено во бракоразводни спорови каде што партнерите често настапуваат со „вжештени глави“. Во такви ситуации, професионално обучено и квалификувано лице може да помогне процесот да се води со трпение, разум и фокус кон најдоброто решение за сите страни, а пред сѐ за децата – објаснува нашата соговорничка.

Малезанска ни посочи дека најважниот совет што им го дава на родителите е дека децата секогаш мора да бидат во центарот на нивното внимание, без разлика на меѓусебните недоразбирања или конфликти. Разводот е тежок процес за возрасните, но за децата може да биде длабоко вознемирувачки доколку не се води сметка за нивните чувства и потреби.

– Затоа е клучно родителите да соработуваат како тим, дури и по завршување на брачната заедница. Заедничкото родителство (иако во македонското законодавство формално не постои како “joint custody”) подразбира дека двете страни остануваат еднакво важни во животот на детето, особено во донесувањето значајни одлуки поврзани со неговото воспитување, образование и здравје. Важно е родителите да сфатат дека разводот не значи прекин на родителската улога. Детето треба да ја одржува врската со двајцата родители, освен ако постојат сериозни причини тоа да не биде така (семејно насилство, занемарување и сл.). Мојот совет е родителите да побараат стручна поддршка (правна и психолошка) уште на почетокот, за полесно да ги насочат своите емоции и да донесат одлуки кои ќе бидат најдобри за нивните деца – изјавува Малезанска.

Фото: приватна архива и freepik

Поврзани написи

To top