Игротека

Гледајте го најдоброто во неа секој ден. Совети на еден маж за бракот

Никој не стапува во брак мислејќи дека еден ден ќе се разведе… И јас никогаш не помислував дека тоа ќе ми се случи мене. Сите сонуваме за среќни краеви, на денот на нашата свадба. Но, за мене, како и за многумина, дојде и до развод, па можам да кажам дека тоа беше најбруталното искуство во мојот живот.

Луѓето ми велеа дека кога се разведуваш, тоа е како да ја доживуваш смртта на некој сакан. Не бев сигурен бидејќи никогаш не сум доживеал смрт на некој сакан што толку болела. Но, навистина е смрт. Смрт на врската со љубовта на твојот живот и смрт на години исполнети со среќни спомени, смрт на иднина која си ја планирал и смрт на сите соништа за кои си се радувал дека ќе се исполнат до староста, рака под рака со личноста со која си стапил во брак… сето тоа е завршено.

Првиот месец откако стана јасно дека се движиме кон развод изгубив 11 килограми поради стрес. Не можев да јадам. Не можев да спијам. Не можев да се фокусирам на работата и со часови, секој ден, мојот ум се обидуваше да го процесира и да му најде значење на она што ми се случуваше. Трчав и трчав, како вежбањето да ќе ми помогнеше да ја избегнам болката.

Се чувствував како да бев поставен во емоционална положба на фетус, обидувајќи се да го апсорбирам претрпениот шок, а во стомакот ми се создаде  јазол кога сфатив дека на животот кој дотогаш го познавав му дошол крајот. Тоа го покрена секој страв во мене. Стравот од одбивање, стравот да не бидам одвоен од своите деца, стравот да не го разочарам семејството, стравот од осудите од другите и од Бога, стравот дека не сум доволно добар…

Тоа беше темен период од мојот живот, а немав никаква мапа да ме насочи каде да се движам. Никогаш не сум бил во таква ситуација и не знаев што да правам. На многу брачни совети наидував во текот на годините, но немаше совети за развод кои би ми помогнале.

Кога ќе погледнам наназад, ова би си го рекол сам на себе:

(Секоја ситуација со развод е различна. Не сакам да кажам дека постои едно решение за развод, како што нема едно и за брак. Сепак, ова се совети што произлегуваат од моето искуство)

1. Продолжете да ја заведувате и по венчавката

Главната работа што треба да ја запомните е дека љубовта и сопругата не треба никогаш да ги земате здраво за готово. Секогаш имајте предвид што сте ѝ ветиле кога сте ја запросиле и обидете се да останете тој човек. Немојте да станете мрзливи.

2. Заљубувајте се во неа повторно и одново

Луѓето се менуваат, никогаш не остануваат исти, а ни вие не сте исклучок. И двајцата сте се промениле од моментот кога сте почнале да се забавувате, кога сте се венчале, а за пет години ќе бидете поинакви од денес. Промените се неизбежни и ќе ве наведат на тоа непрестајно и повторно да се одбирате еден со друг. Затоа, секогаш обидувајте се повторно да ја освоите, бидејќи во спротивно не е гарантирано дека таа ќе продолжи да ве избира вас.

3. Гледајте го најдоброто во неа секој ден

Ако го насочите вниманието на она што го сакате во врска со неа, повеќе ќе ги забележувате токму тие работи. Ако се фокусирате на она што не го сакате или што ве нервира, тогаш повеќе ќе го забележувате тоа. Затоа, донесете одлука повеќе внимание да обрнувате на работите што ги сакате и останете целосно посветени на својата љубов и без никакви сомнежи знајте дека сте најсреќниот човек на светот бидејќи баш вие ја имате неа како партнер.

4. Контролирајте ги сопствените емоции

Не е таа должна да ве прави среќен и не би требало да може ниту да ве растажи. Вие сте должни да ја најдете сопствената среќа и да ја поделите со неа. Уживајте во животот, уживајте во својата врска и немојте да си дозволувате да реагирате премногу бурно.

5. Останете будалести

Немојте да го доживувате животот премногу сериозно. Не заборавајте дека треба да постои време за опуштање, смеење, но и за да ја насмеете. Токму смеата разубавува сè околу вас и ви го прави животот полесен.

6. Оставете ја на мир

Немојте да се обидувате да ѝ помогнете кога е фрустрирана, изнервирана или лута – сè што треба да направите е да ѝ ја покажете својата поддршка и да ѝ дадете до знаење дека сè е во ред. Погрижете се да ја слушате и таа да биде свесна за тоа, потсетете ја дека токму вие сте таа личност на која секогаш може да се потпре и да смета. Емоциите на жената се како плима – еден ден се високи и силни, а друг ден се слаби и ниски – затоа останете силни и немојте да ја осудувате. Немојте да бегате од разговор, особено кога е лута. Бидете присутни, останете силни и погрижете се да знае дека ќе бидете тука покрај неа, сè додека тоа ѝ е потребно.

7. Бидете присутни

Не треба да ѝ го давате само своето време, туку и вниманието, фокусот и душата. Кога сте со неа, не размислувајте за други работи. Однесувајте се кон неа како кон кралица бидејќи таа и е кралица на вашето срце.

8. Бидете ранливи

Не мора секогаш да бидете силни. Поделете ги своите чувства, грижи и стравови со неа. Зборувајте ѝ за своите грешки. Не воздржувајте се да бидете нежни во нејзино присуство.

9. Бидете целосно отворени кон неа

Можете да изградите доверба меѓу вас, но само ако сте подготвени сè да поделите со неа, дури и оние работи што вообичаено не сакате да ги делите. Ако навистина сакате да ги почувствувате сите димензии на нејзината љубов, престанете да глумите и покажете ѝ кои сте навистина.

10. Развивајте се заедно

Само водата што тече останува студена и свежа, мочуриштата шират миризба и создаваат зарази. Исто е и со луѓето – мускулите ви се опуштаат ако не ги вежбате, мозокот станува помалку учен ако не работите на него, а врските стануваат послаби ако не вложувате во нив. Пронајдете нешто што и двајцата го сакате, одредете заеднички соништа и цели и работете на нив.

11. Брзо простувајте

Не држете се до своите грешки, оставете ги во минатото и немојте да ги пренесувате во иднината. Во спротивно ќе бидат како сидро за вашата врска и ќе ја влечат наназад. Токму вашата прошка ќе ви го олесни непотребниот товар и ќе ви помогне да напредувате.

12. Не вреди да се грижите за пари

Парите се игра, па пронајдете начин да победите. Станете партнери, соиграчи, пронајдете начини да успеете и да одите напред.

13. Одбирајте ја љубовта… секогаш!

Поставете ја љубовта како свој приоритет и секогаш одбирајте ја. Тоа можеби е и главниот совет што ви е потребен. Ако успеете во тоа, тогаш не постои ништо што може да ја разниша вашата врска. Љубовта секогаш победува.

Автор: Џералд Роџерс

Поврзани написи

To top