Родителството може да биде сè, само не лесно. Има денови кога ви е преку глава од сè, кога вашата добра волја е скриена некаде. Но, има еден трик што често го забораваме, а тоа е смеата. Нема да реши сè, но навистина може многу да помогне. И не мора да бидете стендап-комичар за вашето дете да чувствува топлина и поврзаност. Всушност, истражувањата покажуваат дека децата гледаат на родителите кои знаат да се опуштат и да се смеат како на поблиски, потопли и емоционално подостапни. Плус, хуморот може да ја намали тензијата, да помогне со фрустрацијата и да го сврти денот кога не оди добро. Ако се прашувате како да го вклопите во хаотичните семејни денови, еве три едноставни начини:
Играјте си и бидете будалести (барем малку)
Не мора да имате цело сценарио, само препуштете се. Дозволете му на вашето дете да ја води играта, измислете приказна, можеби сте робот, потоа куче, па вонземјанин. Смеата доаѓа кога ќе се опуштите и ќе се откажете од контролата. И знаете што? Ќе имате придобивки и вие од сето тоа.

Смејте се на своја сметка и дозволете вашето дете да ви се смее вам
Звучи чудно? Всушност е многу ослободувачки. Облечете различни чорапи, направете смешна гримаса, „збунете се“ намерно, тоа е урнебесно за децата. Дополнително, им покажувате дека е во ред да прават грешки, да бидат смешни, а не да бидат совршени.
Не е секогаш време за шега и тоа е во ред
Хуморот не значи игнорирање на емоциите. Вашето дете треба да почувствува дека го слушате и разбирате. Но, токму затоа смеата може да дојде како олеснување кога ќе почнат нападите на бес, кога сте уморни или кога нешто ќе тргне наопаку. Мал смешен момент може да го спаси денот.