Воспитување

Совети како да го научите детето безбедно да вози велосипед

Возењето велосипед е вештина која речиси секое дете сака да ја совлада. Додека вози велосипед, детето чувствува слобода, независност и гордост поради самостојното вртење на педалите. Децата се подготвени да научат да возат велосипед кога самите ќе посакаат. Нивната желба обично се поврзува со пријателите кои имаат велосипеди или, пак, нивните постари браќа или сестри.

На возраст од четири до осум години повеќето деца развиваат физичка координација, добра рамнотежа и го совладуваат принципот на застанување, па затоа се подготвени да научат да возат велосипед. Но, потребна ви е и ментална подготвеност (како што е самодовербата) и мотивација за да научите да возите велосипед. Некои деца ја развиваат оваа способност до десетгодишна возраст.

Научете го детето да вози велосипед

-Изберете велосипед на кој детето ќе може да ја допре земјата со нозете. Отстранете ги помошните тркала.

-Најдете тревна површина што може да го ублажи евентуалниот пад на детето.

-Задолжително ставете му кацига на главата. Доколку е потребно, набавете заштитници.

-Наместете се на мал рид. Оставете го детето да седне на велосипедот со нозете допрени до земјата. Пуштете го велосипедот за детето да разбере дека ништо нема да се случи и дека нема да падне.

-Кажете му на детето да ги крене рацете за велосипедот да тргне полека сам. Поентата е во тоа детето да почувствува рамнотежа, и обидете се вие да не го држите велосипедот. Ако детето се чувствува несигурно или исплашено, може да ги спушти нозете. Можеби сака да трчате покрај него. Направете го тоа, само не држете го велосипедот. Пофалете го вашето дете за секој успешен обид.

Повторувајте ја оваа вежба додека детето не стекне самодоверба.

Вртење на педалите

-Кажете му на детето да ги стави стапалата на педалите и да ги врти додека вие малку го туркате. Трчајте покрај велосипедот, држејќи го со едната рака на седиштето, а со другата на воланот. Вака покажувате како треба да се врти воланот за да се држи велосипедот исправен. По неколку пати, детето нека се обиде самото да ги врти педалите.

-Повторувајте го вртењето на педалите додека на детето не му стане удобно.

-Покажете му на вашето дете како да го запре велосипедот. Држете го и нежно турнете го напред додека ги притиска сопирачките за да запре. Вежбајте сопирање додека не бидете сигурни дека знае како.

Возење

Никој не може да научи да вози велосипед без вежбање. Возењето заедно со вашето дете е веројатно најдобриот начин да ги практикувате правилата. Објаснете му ги правилата и потоа возете, застанувајќи навреме за да го повторите она што детето штотуку го направило и пофалете го за неговите успеси. Како и со речиси секоја вештина, потребна е пракса за да се совлада техниката. Ќе биде потребно многу вежбање, но резултатот е вреден за вашиот труд.

Правила за безбедност

Пред да излезе на пат, мора да застане

Децата мора да научат да застанат, да гледаат лево-десно, потоа повторно да гледаат лево и да слушаат, за да се уверат дека нема автомобил пред да излезат на патот. Користете ја вашата улица или тротоар за да му покажете на вашето дете како да се впушти во сообраќајот со велосипедот. Дозволете му на детето да вежба како да се приклучува на сообраќајот, повторно да гледа лево, десно и лево. Научете го дека само затоа што го гледа автомобилот, не значи дека возачот го гледа него. Мора да претпостави дека возачот не го видел.

Почитувај ги знаците за „стоп“

Погрижете се децата да ги знаат основните сообраќајни знаци и значењето на семафорите и дека секогаш мора да возат на десната страна од улицата. Потоа, однесете го вашето дете на контролирана раскрсница и вежбајте безбедно преминување. Објаснете му на вашето дете дека кога се вози во група, секој велосипедист мора да застане и да провери дали патот е безбеден пред да премине на другата страна. Научете ги малите деца да се симнуваат од велосипедот на фреквентните раскрсници и да го поминат преминот одејќи покрај велосипедот. Потсетете ги да ги почитуваат сообраќајните знаци дури и кога изгледа дека никој не се движи во нивна насока.

Погледни зад себе пред да свртиш

Децата мора да научат да гледаат зад себе пред да вртат, или да ја сменат лентата. Најдоброто место за практикување на ова правило е на мирен паркинг или игралиште. Застанете зад нив додека возат по права, обоена линија. Можете да држите картички со броеви во воздухот и да ги вежбате децата да гледаат преку рамо, така што ќе ви го прочитаат бројот. Децата не треба самостојно да возат велосипед додека не ја усовршат оваа вештина.

Секогаш вози на десната страна

Возачите на автомобили не обрнуваат внимание на тоа дали велосипедите доаѓаат од погрешна страна на улицата, на раскрсниците или на патеките. Брзината на автомобилот е поголема. Побезбедно е возењето велосипед во правец на движењето на автомобилите.

Извор

Поврзани написи

To top