Ворен Бафет, еден од најпознатите светски инвеститори, има совет за сите родители, без разлика на нивното богатство: „Оставете ги вашите деца да го прочитаат вашиот тестамент пред да го потпишете“.
Бафет вреди 150 милијарди долари и има три деца.
-Погрижете се секое дете да ја разбере логиката на вашите одлуки и одговорностите со кои ќе се соочи по вашата смрт. Ако има прашања или предлози, слушајте ги внимателно и прифатете ги оние што се разумни. Не сакате вашите деца да се прашуваат: „Зошто?“ кога веќе нема да можете да одговорите – советува Бафет.
Тешките разговори ги зајакнуваат односите
Финансискиот советник Даглас Бонепарт се согласува со советот на Бафет дека е важно да се сподели планот за наследство со семејството.
-Ова се тешки разговори, но ако се пристапи правилно, тие можат да ги зајакнат односите – вели Бонепарт, нагласувајќи дека е важно на децата да им се дадат реални очекувања за наследството.
-Децата можат да замислат секакви работи за тоа што треба да добијат. Затоа е од клучно значење да биде јасно и детално кој што и зошто ќе добие – додава тој.
Родителите често ги избегнуваат овие разговори затоа што се плашат да не ги повредат чувствата на нивните деца или дека ќе слушнат коментари оти нешто е неправедно. Но, токму затоа е подобро да зборувате за тоа сега отколку да оставите „хаос“ по вашата смрт, тврди Бонепарт.
Бафет истакнува дека со текот на годините бил сведок на распарчување на многу семејства поради недоразбирања и конфликти предизвикани од тестаменти.
-Љубомората и реалните или замислените неправди од детството често се зголемуваат по смртта на родителот – изјавил тој.
Доколку наследството не е еднакво поделено меѓу браќата и сестрите, многу е важно однапред да се објаснат причините. На пример, едно дете може да добие повеќе затоа што друго веќе добило помош за купување куќа или поскапо образование.
Кога може да биде штетно споделувањето информации
Додека Бафет верува дека генерално е корисно да се разговара за тестаментот однапред, Каролин Мекланахан (финансиски планер) предупредува дека има ситуации кога е подобро да се биде претпазлив. На пример, ако детето веќе финансиски го експлоатирало родителот, родителот треба да биде внимателен во споделувањето на деталите за наследството. Слично на тоа, ако детето е неодговорно за работата или парите, сознанието дека го чека големо наследство може дополнително да ја наруши неговата работна етика и амбиција.
-Ако децата не се зрели, споделувањето на тие информации може да биде штетно – вели Мекланахан. Во такви случаи, родителите можат да остават писмо што децата ќе го прочитаат само по нивната смрт, објаснувајќи ги нивните одлуки.
-Секое семејство е различно. Затоа не постои едно правило кое важи за сите – заклучува Мекланахан.
912