Игротека

Совет од логопед: Кога детето ќе изговори еден збор, додајте уште еден

Првите зборови децата најчесто ги изговараат околу првиот роденден. По изговарањето на првиот збор, детето почнува да го збогатува својот речник со поими што се дел од неговите интереси. Меѓу првите зборови најчесто се именките, потоа неколку глаголи и по некоја придавка. Кога речникот ќе достигне околу 50 збора, може да се очекува детето да почне да спојува два збора во кратка реченица.

Како детето учи нови поими?

Кога детето ќе изговори еден збор, повторете го тој збор и додајте уште еден. На тој начин детето учи нови поими и го запознава светот што го опкружува.

За детето сè е ново. Светот е полн со можности, секој ден носи нов предизвик, а учењето е постојан процес. Разбирањето кај детето се гради преку интеракција. Набљудувањето на возрасните, истражувањето и контактите што детето ги остварува со околината претставуваат основа на учењето.

Кога додаваме збор на детскиот исказ, го учиме детето на нови поими, нови односи и нови знаења. Детето го слуша новиот збор и го поврзува со конкретната ситуација во која се наоѓа. На тој начин најпрво се збогатува неговото разбирање на светот околу него. Како што го запознава светот, така зборовите што ги разбира постепено ги пренесува во активна употреба и го гради својот речник.

Како детето гради реченица?

Кога додаваме збор на она што детето го кажало, му покажуваме како и самото може да почне да гради реченица. Тоа е следниот важен чекор во развојот на јазичните вештини.

На пример: Детето вели „брм“ додека поминува автомобил, а ние велиме: „Да, тоа е брм. Автомобилот вози.“ Така детето ја слуша вистинската именка и глаголот што оди со неа.

Предуслови за успешност на оваа активност:

  • Следете ги интересите на детето;
  • Поедноставете го својот говор;
  • Имајте го предвид нивото на разбирање на детето.

Работата на збогатување на речникот бара време и трпение. Со секојдневно нудење нови зборови детето постепено ќе учи нови поими. Колку подобро детето ќе го разбере светот околу нас, толку полесно ќе почне активно да ги користи зборовите што го опишуваат.

Извор

Поврзани написи

To top