Здравје

Социолог тврди: Ако на детето му забраните да користи интернет, тоа е еднакво на злоупотреба

Кога станува збор за децата и користењето мобилни телефони и таблети, родителите имаат спротивставени ставови. Додека едни сметаат дека користењето на овие уреди е штетно за благосостојбата на детето, други сметаат дека тие уреди нудат разни образовни и развојни можности. Социологот Елис Кешмор смета дека забранувањето да се користи интернетот е еднакво на злоупотреба на детето.

Заедно со истражувачи од Универзитетот „Тисајд“ и од Универзитетот од Јужна Австралија, Кешмор испитал 2.000 корисници на интернет за да собере податоци за начинот на кој се користат паметните телефони, таблетите и другите мобилни уреди. Заедно заклучиле дека стравот од ризикот е претеран и дека постојат и голем број образовни и општествени предности.

Кешмор, кој е почесен професор по социологија на Универзитетот „Астон“ во Бирмингем, верува дека популарните технолошки уреди им нудат на децата низа активности и дека забраната за користење на интернетот би можела да го наруши нивниот социолошки развој.

– Замислете родителите да им забранат на децата да читаат, да гледаат телевизија, да разговараат со други деца, да играат образовни игри, да цртаат, да бојат или да танцуваат. Децата ги прават тие работи користејќи ги технолошките уреди. Ако родителите ги спречат децата да продолжат со тие активности, би можеле да бидат обвинети за некаков вид злоупотреба бидејќи го забавуваат нивниот развој – вели Кешмор.

Екраните се дел од реалноста на децата

Тој додава дека денешните деца растат во свет во кој доминираат паметните телефони и сличните уреди, поради што нивното отсуство би било необично.

– Екраните се дел од нивната реалност. Лишувањето од можноста да созреат сигурно е злоупотреба – вели Кешмор.

Според него, најголемата заблуда за дигиталните уреди е дека тие се заразни.

– Можеме потенцијално да станеме зависници од која било активност – јадење чоколада, пеглање… Но, тоа не е зависност. Користиме уреди не затоа што сме зависни, туку затоа што тоа ни прават задоволство – истакнува социологот.

Поврзани написи

To top